Која е улогата на Иран во борбите меѓу Израел и Хамас?

Историјата на комплицираните односи нѐ враќа во 1979 година и соборувањето на последниот ирански шах (крал), познат едноставно само како Шахот, а самопрогласен Шаханшах (Крал на кралевите).

Аналитичарот за блискоисточна политика и безбедност Арон Пилконгтон од Универзитетот во Денвер ја објаснува улогата на Иран во конфликтите што ескалираа во текот на викендот на Блискиот Исток.

Ќе има само еден победник во војната што изби меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас. А тоа нема да биде ниту Израел ниту Хамас.

Во следните недели, израелската војска сигурно ќе возврати и ќе убие уште стотици палестински милитанти и цивили како резултат на одмазда за крвничкиот напад. Аналитичарот за блискоисточна политика и безбедност Арон Пилконгтон од Универзитетот во Денвер објаснува за The Conversation зошто верува дека илјадници луѓе од двете страни ќе страдаат, но и дека кога ќе се исчисти чадот, корист ќе има само една земја: Иран.

Некои аналитичари веќе сугерираат дека отпечатоците на Техеран може да се видат во ненадејниот напад врз Израел. Во најмала рака, иранските лидери одговорија со охрабрување и поддршка.

Одлучувачки фактор кој ја определи надворешната политика на Иран беше соборувањето на персискиот шах Мохамад Реза Пахлави во 1979 година, пријател на САД, и префрлањето на државната власт во рацете на револуционерниот шиитски муслимански режим. Тој режим беше дефиниран со изразен антиамерикански империјализам и антиизраелски ционизам.

Шахот Реза Пахлави

Револуцијата, тврдеа нејзините водачи, не беше насочена само против корумпираната иранска монархија, туку имаше за цел да се спротивстави на угнетувањето и неправдата насекаде, а особено против владите поддржани од САД: главна меѓу нив, Израел.

За иранските лидери, Израел и САД претставуваа неморал, неправда и најголема закана за муслиманското општество и иранската безбедност. Нивното постојано непријателство кон Израел во голем дел се должи на нивните блиски врски со Шахот и улогата на Израел во неговото континуирано угнетување на иранскиот народ. Заедно со американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), израелската разузнавачка служба Мосад помогна во организирањето на тајната полиција на Шахот и разузнавачката служба САВАК. Организацијата прибегна кон сè поостри тактики за да ги потисне дисидентите во текот на последните две децении од владеењето на Шахот, вклучувајќи масовно затворање, тортура, исчезнувања, принуден егзил и убивање на илјадници Иранци.

Поддршката за ослободувањето на Палестина беше централна тема на револуционерната порака на Иран. Израелската инвазија на Либан во 1982 година - како одмазда за палестинските напади врз Израел од либанска територија - му даде можност на Иран да ја исполни својата антиционистичка реторика предизвикувајќи ги израелските војници во областа и американското влијание.

Помош за време на конфликт

За таа цел, Иран во Либан го испрати својот корпус на Исламската револуционерна гарда, огранок на иранската војска, за да ги организира и поддржи либанските и палестинските милитанти. Во долината Бека во Либан, Револуционерната гарда ги поучи шиитските борци на отпорот за религија, револуционерна идеологија и герилски тактики и им обезбеди оружје, ресурси, обука и охрабрување. Иранските лидери ги трансформираа овие рани борци во најмоќната политичка и воена сила во Либан денес, и најголем успех на иранската надворешна политика - Хезболах (حزب الله - Партија на Алах или Партија на Бог).

Од раните 80-ти Иран ја одржува својата поддршка за антиизраелските милитантни групи и операции. Исламската Република јавно вети милиони долари годишна поддршка и напредна воена обука на илјадници палестински борци во базите на Револуционерната гарда и Хезболах во Иран и Либан.

Иран води софистицирана шверцерска мрежа за шверц на оружје во Газа, која долго време е отсечена од надворешниот свет поради израелската блокада.

Преку Револуционерната гарда и Хезболах, Иран го охрабри и овозможи насилството на палестинскиот исламски џихад и Хамас, а овие палестински борци сега претставуваат клучен елемент во она што аналитичарите за надворешни работи го нарекуваат „оската на отпорот“ на Иран против Израел и САД, што е примарна цел на Иран.

Но, Иран не може да ризикува директно да се соочи со која било држава.

Оружјето, буџетите и обуката на Иран овозможуваат зголемено насилство од страна на палестинските милитанти против Израел кога фрустрациите зовриваат, вклучително и палестинските востанија познати како прва и втора интифада.

Палестинско-израелските конфликти и бројот на загинати се во пораст од 2020 година. Палестинците се огорчени од зголеменото раселување и уништувањето на имотот. Но, и поради тоа како Израел им дозволува на израелските националисти и доселеници да го прекршат древниот договор кој забранува еврејска молитва во џамијата Ал Акса, свето место и за муслиманите и за Евреите. Всушност, Хамас конкретно го наведе неодамнешниот упад на доселениците во Ал Акса како оправдување за нападот на 7 октомври.

Напад на нормализација на односите

Ова не значи дека Иран го наредил нападот на Хамас врз Израел, ниту дека Иран ги контролира палестинските милитанти: тие не се марионети на Иран. Сепак, иранските лидери ги поздравија нападите.

„Ова што се случи денеска е во согласност со продолжувањето на победите на антиционистичкиот отпор на различни полиња, вклучувајќи ги Сирија, Либан и окупираните земји“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.

Една недела пред нападот на Хамас, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман ги негираше извештаите дека Саудиска Арабија ги паузирала своите неодамнешни напори за нормализирање на односите со Израел, кои вклучуваат формална декларација за правото на Израел да постои и поголем дипломатски ангажман. „Се доближуваме секој ден“, рече тој и го пофали Најтенаху.

Нормализирањето на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија би претставувало кулминација на досегашните достигнувања во американските дипломатски напори, вклучувајќи го и Абрахамскиот договор, потпишан од Израел, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко во 2020 година. Договорите имаа за цел да ги нормализираат и изградат мирните односи меѓу Израел и арапските земји низ Блискиот Исток и Африка.

Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи ги нападна арапските држави за потпишување на Абрахамскиот договор, обвинувајќи ги за „предавство на глобалната исламска заедница“.

Лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, го пофали саботното насилство врз Израел и ги сподели чувствата на Хамнеи, предупредувајќи дека нападите испратија порака, „особено до оние кои бараат нормализација со овој непријател“.

Жестоката реакција на Израел најверојатно многу брзо ќе ја усложни нормализацијата на односите со Саудиска Арабија, во корист на иранските цели. Нетанјаху рече дека израелската одмаздничка операција има три цели: елиминирање на заканата од инфилтратори и враќање на мирот во израелските заедници кои се нападнати, истовремено „наплатувајќи ја сметката од непријателот“ во Газа и зајакнување на „другите фронтови за никој по грешка да не влезе во оваа војна“. Оваа последна цел е суптилно, но јасно предупредување до Хезболах и Иран да останат надвор од борбата.

Веќе се мобилизирани израелските трупи за обезбедување на границите, а воздушните напади ја погодија Газа. Според сите пресметки, палестинските напаѓачи ќе бидат убиени или уапсени за неколку дена. Израелските трупи и воздушните сили ќе ги нападнат познатите или сомнителните локации за лансирање, производство, складирање и транспорт на ракети, како и домовите на членовите на Хамас и на палестинскиот исламски џихад. Но, во тој процес стотици цивили ќе ги загубат животите.

Како победува Иран?

Постојат најмалку три можни исходи од војната, од кои сите се во корист на Иран. Прво, тешкиот израелски одговор може да ги обесхрабри Саудиска Арабија и другите арапски држави од напорите за нормализација поддржани од САД. Второ, ако Израел смета дека е неопходно дополнително да навлезе во Газа за да се искорени заканата, тоа може да предизвика уште еден палестински бунт во Источен Ерусалим или на Западниот Брег, што ќе доведе до поширок израелски одговор и поголема нестабилност.

Конечно, Израел би можел да ги постигне своите први две цели со минимална количина потребна сила, напуштајќи ги своите вообичаени тактики и намалувајќи ги шансите за ескалација. Но, ова е малку веројатно. Дури и да се случи тоа, не се решени основните причини кои доведоа до ова последно избивање на насилство, ниту улогата што ја игра Иран во тој процес.

реклама

Чест симптом за рак на дебелото црево се забележува при вршењето нужда

Read more

Голем хороскоп за МАЈ 2024: Еден знак остварува долгогодишен сон

Read more

Албанката Ева Мурати ја сметаат за најубава водителка на Лигата на шампионите

Read more

Што е сексомнија?

Read more

Свет

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Read more

Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“

Read more

САД воведоа нови санкции кон Русија

Read more

Полска и по 20 години во ЕУ не е подготвена да го воведе еврото

Read more
 

Вести

Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април

Читај повеќе

Сиљановска-Давкова до Пендаровски: Ќе дебатирам со празно столче, последната дебата е закажана за понеделник

Читај повеќе

Мицкоски: На СДСМ прогнозите не им излегоа како што тие замислуваа

Читај повеќе

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Читај повеќе

Тело на починат маж извадено од Вардар во Велес

Читај повеќе

Избрана е новата Влада на Србија

Читај повеќе

Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“

Читај повеќе

Кривична против двајца штипјани, истепале полицаец

Читај повеќе

САД воведоа нови санкции кон Русија

Читај повеќе