Францускиот политичар на Зелените Јаник Жадо остро ја критикуваше одлуката на претседателот Емануел Макрон да приреди вечера во Елисејската палата за саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
„Дали распарченото тело на новинарот (Џамал) Кашоги е на менито за Макрон и МБС?“, напиша на Twitter Жадо, кандидат во првиот круг од претседателските избори претходно оваа година.
На дневен ред се нафтата и оружјето, сосема спротивно на климатскиот хаос, мирот и човековите права, за кои треба да разговараат, додаде пратеникот во Европскиот парламент.
Домаќинот не објави никакви детали за вечерата на која Макрон и де факто владетелот на Саудиска Арабија, познат како МБС, треба да се сретнат во четврток навечер. Заливското кралство соопшти дека ќе разговара за билатералните односи и прашања од заеднички интерес.
Средбата беше критикувана и од левичарските политичари во Франција и од Amnesty International.
Бин Салман е на својата прва европска турнеја по убиството на Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018 година. Американските разузнавачки агенции велат дека наредбата за убиството ја дал директно МБС, кој упорно негира каква било одговорност.