Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ организира завршен настан „Дигитално омоќување и родова еднаквост: Изложба и промоција на публикација за дигитално родово базирано насилство“, што ќе се одржи денеска, 6 март, со почеток од 19 часот во горното фоаје во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Дел од настанот ќе биде и изложбата на дизајните на графичката дизајнерка Теано Кардула, кои беа дел од креативниот израз на Мрежа Стела за време на кампањата 16 дена активизам против родово-базирано насилство.
Во рамки на настанот ќе биде промовирана и публикацијата на Мрежа Стела „Надвор од екранот: Разоткривање на дигиталното родово насилство низ критички осврт“, која се состои од 10 есеи и една поема – сите напишани за различни аспекти на дигиталното родово базирано насилство.
Настанот ќе биде отворен со читање на моќната поема The Female Rage, од Фатос Груби, напишана за публикацијата.
Заинтересираните може да го пријават своето учество ТУКА.
Настанот се организира во рамките на иницијативата „Кога дигиталното родово-базирано насилство излегува надвор од екранот“. Проектот е финансиран од страна на Швајцарската амбасада во Скопје, а целта е секој поединец да знае како да се заштити себеси како и своите блиски од сајбер насилството.