Ротердам, најголемото пристаниште во Европа, е дом и на најголемиот зелен покрив во Холандија.
Најголемиот и најдолг зелен покрив е уште еден во низата еколошки проекти на вториот по големина град во Холандија, кој до 2025 година се обидува да спроведе план за создавање на климатски отпорен град.
Со интересниот еколошки проект, Ротердам додаде уште еден зелен елемент на својот профил што го прави град кој е свесен за климата.
Во мај 2020 година, Ротердам официјално стана холандски град со најголем и најдолг зелен покрив. Со создавање на зелениот покрив, Ротердам додава уште еден во низата зелени проекти кои, до 2025 година, имаат за цел да го „крунисаат“ овој град со титулата климатски отпорен град.
Зелената градина зафаќа површина од дури 7.600 квадратни метри, што го става Ротердам во првите редови на иновативниот урбан дизајн.
Адаптација на урбаниот дизајн и соживот со водата
Зелениот покрив во Ротердам е еден од начините да се зазелени најголемото европско пристаниште, правејќи го градот поотпорен на поплави. Новите зелени површини, освен што привлекуваат многу инсекти кои се исклучително важни за биодиверзитетот, апсорбираат и јаглерод диоксид, со што се забавуваат негативните климатски ефекти.
„Ротердам е еден од водечките градови во светот во однос на прилагодувањето кон климатските промени“, рече Куо Тенг Чај од сингапурското Министерство за национален развој за време на веб-семинарот организиран од Институтот УЛИ во јуни 2020 година и додаде дека водата е вистински предизвик за иднината на градот, кој од 2006 година става акцент на адаптација на урбаниот дизајн и соживот со водата.
Новиот зелен покрив е исто така дел од најголемиот проект за социјално домување. Станбената зграда на која е изградена, наречена Pepperclip, е дом на приближно 1.300 жители на Ротердам, кои се сместени во 549 станбени единици. Овој станбен комплекс е создаден во соработка со градската администрација во Ротердам и компанијата Vestia, а е финансиран од Европската унија, односно проектот LIFE@UrbanRoofs за поттикнување инвестиции во адаптација кон климатските промени.
Зелен покрив како изолација
Но, и покрај фактот дека зелениот покрив е создаден на нивната станбена зграда, неговите жители сè уште немаат директен пристап до оазата во градот. Но, зеленилото ќе има бројни придобивки, бидејќи служи и како регулатор на температурата.
Зелениот покрив освен како изолација, има и посебна функција на апсорпција на вода за време на врнежливи периоди во кои доаѓа до голема количина на вода до покривот. Жителите на оваа станбена зграда се особено свесни за проблемите со климатските промени за кои секојдневно се потсетуваат и муралите создадени на оваа тема, а со дополнителни стручни совети, станарите можат да научат како да ја подобрат енергетската ефикасност на комплексот.