Берлинската болница Charite денеска почна да спроведува „обемни“ дијагностички тестови врз рускиот дисидент Алексеј Навални, кој се наоѓа во кома.
„По завршувањето на прегледите и по консултација со семејството, лекарите ќе дадат коментари за болеста и натамошните чекори на лекување. Испитувањата ќе потраат извесно време“, изјавија од болницата.
Навални, кој од четвртокот е во кома, утринава со медицински авион пристигна во Берлин од сибирскиот град Омск.
Германската федерална Влада „се надева дека третманот во клиниката Charite ќе доведе до подобрување на неговата состојба и ќе овозможи негово целосно закрепнување“, рече портпаролот на владата.
Главниот доктор на болницата во Омск, Александар Мураховски, ги негираше тврдењата дека супстанцијата пронајдена во телото на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, наводно била опасна по неговиот живот и околината, наведувајќи дека сите анализи досега се негативни.
„Јас во мојата работа се водам од службените документи. Тие службени документи што пристигнаа од нашата хемиско-токсиколошка лабораторија, опсегот на супстанции што веќе ги проверил апаратот, сите покажуваат негативни резултати“, изјави Мураховски пред новинарите, додавајќи дека не може да каже кои супстанции биле проверувани, пренесоа руските медиуми.
Заменик-главниот лекар на болницата, Анатолиј Каљникенко, исто така, потврди дека отров не бил пронајден во телото на Навални за време на тестирањето и дека лекарите веруваат дека тој не е отруен.
„Не се пронајдени траги на отров во неговиот организам“, рече тој, додавајќи дека лекарите нема со медиумите да ја споделат неговата дијагнозата, кога ќе ја утврдат, туку за неа ќе ги информираат неговата сопруга и братот.
Претходно, директорот на Антикорупцискиот фонд, чиј основач е Навални, Иван Жданов, повикувајќи се на сообраќајната полиција, кажа дека во телото на Навални пронашле опасна материја, што не претставува опасност само за него, туку и за неговата околина.