Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека „ќе се бори до победа“ во Газа, сигнализирајќи дека нема да ги прекине воздушните напади и очекуваната копнена операција во енклавата откако палестинската терористичка група Хамас ослободи две американски заложнички, објавија странските агенции.
Џудит и Натали Раанан, мајка и ќерка кои беа киднапирани од борците на Хамас на 7 октомври, се првите киднапирани чие ослободување е потврдено од двете страни во конфликтот.
„Двајца од нашите киднапирани се дома. Не се откажуваме од нашите напори да ги вратиме сите киднапирани и исчезнати. Во исто време, ќе продолжиме да се бориме до победа“, изјави ноќеска Нетанјаху.
Израел распореди тенкови и војници во близина на Газа, подготвувајќи се да ја нападне палестинската енклава по копно. Во израелските воздушни напади врз Газа досега загинале најмалку 4.137 Палестинци, меѓу кои стотици деца, а раселени се повеќе од еден милион цивили, според палестинските власти.
Што се однесува до ослободените Американки, Хамас објави дека ги ослободил од хуманитарни причини. Еден од функционерите на таа група рече дека тоа е нивна добра волја.
„Тие се жители на Еванстон (САД), а во Израел дојдоа овој месец за да го прослават 85. роденден на роднина и еврејските празници“, рече нивен роднина.
„Натали има 18 години и неодамна заврши средно училиште. Таа со нетрпение чекаше да одмори и да го посети семејството во странство“, изјави вујкото на тинејџерката, Ави Замир.