На 1 март, вселенското летало Juno на НАСА прелета покрај месечината на Јупитер, Јо, приближувајќи ѝ се на 51.500 километри, и во тој процес сними неверојатни фотографии од вулкански најактивното тело во Сончевиот Систем.
Неверојатните снимки даваат најдобар и најблизок поглед на месечината Јо откако вселенското летало New Horizons прелета покрај системот Јупитер на пат кон Плутон во 2006 година.
Ио, пишува Universe Today, поради своите стотици вдлабнатини, издигнувања и калдери, кои формираат шарена површина, сè уште наликува на пица но за тоа не се одговорни некакви вселенски готвачи, туку исклучително силна вулканска активност. Оваа месечина на Јупитер е најактивниот вулкански свет во Сончевиот Систем со стотици вулкани, од кои некои еруптираат фонтани од лава високи десетици километри.
Поради постојаните ерупции и интензивното зрачење, научниците веруваат дека е малку веројатно таму да се развила каква било форма на живот. Малку поголема од нашата Месечина, Јо е третиот по големина природен сателит на Јупитер и петти најоддалечен од планетата. Активните вулкани на ова небесно тело постојано ја менуваат неговата површина, што го прави речиси невозможно да се најдат траги од кратери, наведува НАСА.
Ио ја има најмладата површина во Сончевиот Систем, а се верува дека се потребни околу милион години за таа целосно да се промени. Сулфур диоксидот е примарна состојка на ретката атмосфера на месечината, а сулфурните соединенија се главно одговорни за нејзиниот колоритен пејзаж, во кој доминираат црвената, портокаловата, жолтата, зелената и белата боја.
Планините кои достигнуваат височина до 10 км се наоѓаат главно во поларните региони, иако тие можат да се најдат и поблиску до екваторот. На оваа месечина течат и реки од лава, од кои некои се протегаат на стотици километри.
Температурата на површината на Јо е во просек околу минус 130 степени Целзиусови, но нејизните вулкани може да бидат пеколно жешки со температури кои надминуваат 1.000 степени. Поради ова, Јо често се нарекува вселенско тело направено од оган и мраз.
Juno ќе прелета покрај оваа месечина на Јупитер на 16 мај на растојание од 35.000 километри, а на 3 февруари 2024 година ќе прелета на растојание од само 1.500 километри. Џејсон Пери, кој работеше на проектите Cassini, Galileo и HiRISE, напиша на Twitter дека овие најнови слики веќе покажуваат некои суптилни промени во споредба со оние од New Horizons.
„Промените на површината се прилично суптилни, но гледам најмалку две од нив. Првата е мал проток од источниот крај на Источен Гиру. Ова е вулканска активност првпат забележана од вселенското летало New Horizons. Втората е поцрвенувањето на Хорс Патер, вулкански кратер. Црвеникавиот материјал укажува на присуство на S3-S4, сулфур со краток ланец кој редовно се обновува од активниот високотемпературен вулканизам“, објасни тој.