Цените на нафтата паднаа на најниско ниво од крајот на март вчера на меѓународните пазари поради слабите економски податоци од Кина, очекувањата за зголемување на каматните стапки од страна на американската ФЕД и Европската централна банка и високата понуда.
Цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 2,41 долар, на 76,90 долари, во однос на претходното затворање. Еден барел загуби 2,49 долари на американскиот пазар и се тргува за 73,17 долари.
Цените на нафтата паднаа за повеќе од еден долар во претходниот трговски ден. Пазарот ја игнорираше веста дека во април производството на нафта на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) падна, а повеќе внимание посвети на земјите под санкции, Русија и Иран, кои продолжија да наоѓаат пазар за својата сирова нафта.
Производството на нафта во Иран надмина три милиони барели дневно (bpd). Иран испумпуваше просечно 2,4 милиони барели дневно во 2021 година и е под санкции на САД од 2018 година. Цените на нафтата, исто така, беа под притисок откако кинеските официјални податоци објавени во неделата покажаа дека производната активност во најголемиот светски увозник на сирова нафта неочекувано падна во април.
Неизвесните економски изгледи во другите делови на светот, исто така, го поттикнаа падот на цената на нафтата. Инвеститорите дополнително ќе бараат насоки од очекуваните зголемувања на каматните стапки од централните банки кои се борат со инфлацијата, што би можело да го забави економскиот раст и да ја намали побарувачката на енергија.
Се очекува американската ФЕД да ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени во среда. ЕЦБ, исто така, се очекува да ги зголеми стапките на редовниот состанок во четврток. ОПЕК денеска објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки во понеделник благо пораснала, на 80,03 долари.