Јапонските цреши неочекувано процветаа во октомври.
Фамозните розови и бели цветови, познати како „сакура“, се појавуваат во текот на две недели во пролет и се вистинска атракција за туристите во Јапонија.
Но, повеќе од 300 Јапонци пријавиле дека забележале црешови цветови во октомври во нивното маало, соопшти метеоролошката компанија Weathernews.
Експертите велат дека причината за овој феномен најверијатно се тајфуните што ја зафатија оваа островска земја.
„Ова се има случено и претходно, но не во олкави размери“, вели Хиројуки Вада, експерт за дрвја при Јапонското здружение на ботаничари.
Вада вели дека лисјата на црешовите дрвја испуштаат хормон што го спречува формирањето на пупки. Но, годинава силните тајфуни ги соголеа дрвјата од лисја и тоа е најверојатно причината за изненадното појавување на црешовиот цвет.
Тој додава дека и зголемените температури предизвикани од бурите можеби ги „збунуваат“ дрвјата и ги „лажат“ да процветаат.
Пупките што процветаа сега нема да процветаат пак напролет, но Вада додава дека тоа ќе има „минимално влијание“ на сезоната на сакурата следната година.
Јапонија годинава беше погодена од низа тајфуни, меѓу кои и тајфунот Џеби, најсилното невреме во Јапонија во изминативе 25 години. Џеби однесе најмалку 10 човечки животи и предизвика огромна материјална штета.