Само еден фудбалер, не сметајќи ги голманите, ги одигра сите минути во оваа сезона од англискиот премиерлигаш, а тоа е дефанзивецот на Евертон, Џејмс Тарковски.
Како што пренесуваат британските медиуми, овој стопер сезонава ги одиграл сите 3.420 минути, не сметајќи го времето поминато во судиското надополнување, што го прави единствениот играч во најсилната лига во светот кој го направил тоа.
Ова не е прв пат Тарковски да ги одигра сите минути во една сезона, а истото го направи како играч на Барнли во сезоната 2019/2020, а уште тогаш негов тренер беше Шон Дајч, кој го презеде Евертон оваа сезона и по заминувањето на Фрeнк Лампард.
Така Тарковски стана миленик на навивачите на Евертон веќе во првата сезона, особено затоа што на „Гудисон Парк“ пристигна како слободен фудбалер и без никакво обештетување.
Станува збор за 30-годишен играч кој според Transfermarkt вреди 22 милиони евра, а неговиот договор со Евертон е до летото 2026 година. Во оваа сезона тој постигна еден гол и забележа една асистенција, а доби вкупно шест жолти картони.
Кариерата ја започна во младинските селекции на Олдам, а за првиот тим дебитираше во 2011 година. Следуваше трансфер во Брентфорд, а за Барнли играше од 2016 до 2022 година.