Швајцарија од понеделник ќе ги заостри антиковид мерките во обид да го спречи петтиот бран на пандемијата и да го спречи ширењето на варијантата омикрон.
Некои од мерките ќе опфаќаат строго ограничување на пристапот на невакцинираните лица на јавни места и обврска за работа на далечина, соопшти федералната Влада.
– Само на вакцинирани или луѓе кои прележале сега ќе им биде дозволен влез во ресторани, културни објекти и спортски и забавни објекти, како и на настани во затворен простор, се вели во соопштението на Федералниот совет.
Во Швајцарија, овие мерки се нарекуваат 2G, од германските зборови genesen (излекуван) и geimpft (вакциниран).
Со приближувањето на божикните празници, кои во Швајцарија вообичаено се слават во кругот на семејството, приватните собири ќе бидат ограничени на 10 лица, меѓу кои и деца, доколку еден од гостите кој наполнил 16 години не е вакциниран или не прележал.
Според федералните власти, овие мерки треба да го спречат ширењето на заразата меѓу невакцинираните луѓе, „бидејќи полесно го пренесуваат вирусот и имаат поголема веројатност да наидат на компликации кога ќе се заразат“.