На американскиот режисер Стивен Спилберг во вторникот му беше врачена почесната награда Златна мечка за животно дело на 73. Меѓународен филмски фестивал во Берлин.
Стивен Спилберг при прифаќањето на наградата за животно дело на овој престижен филмски фестивал изјави дека можноста за снимање нови филмови сè уште го возбудува и на 76 години, а откри и нови детали од планираната серија за HBO.
„Она што ме правеше среќен како дете е истото чувство што го задржав децении подоцна. Кога ќе најдам книга или сценарио, или ќе дојдам до оригинална идеја за која мислам дека би направил добар филм, таа возбуда надвладува сè“, рече Спилберг.
Спилберг планира да заврши сценарио што го остави неговиот покоен пријател Стенли Кјубрик во 1999 година. Тој изјави дека подготвуваат голема продукција за HBO по оригиналното сценарио на Кјубрик за серијата „Napoleon“.
Стивен Спилберг е режисер чии остварувања вклучуваат некои од најуспешните и најомилените дела во историјата на кинематографијата, како што се филмовите „E.T. the Extra-Terrestrial“ и „Jaws“, а режисерот штотуку заврши два паралелни филма: полу -автобиографскиот „The Fabelmans“ и „West Side Story“, филм снимен по класичниот мјузикл на Бродвеј.