Одличниот напаѓач на Брентфорд, Ајван Тони, се изјасни за виновен за повеќето од 232-те обвиненија за обложување, што значи дека ќе се соочи со тешка казна од англискиот фудбал.
Тони, кој важи за еден од најдобрите напаѓачи во англискиот фудбал и моментално е трет стрелец во Премиер лигата со 14 голови, уште во ноември се соочи со 232 обвиненија за прекршување на правилата за обложување на Премиер лигата.
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) откри дека Тони е обвинет за прекршување на регулативата Е8, која го покрива периодот од 25 февруари 2017 до 23 јануари 2021 година, а се однесува на обложување, иако е професионален фудбалер.
Беше изоставен од репрезентацијата на Англија за Светското првенство во Катар. Иако никогаш не беше потврдена како причина, процесот најверојатно влијаеше на Гарет Саутгејт да не го земе на Мундијалот еден од најдобрите англиски напаѓачи.
Тој сега се изјасни за виновен за огромното мнозинство од тие обвиненија, а притоа оспорува некои од нив. По сослушувањето пред ФА, Тони се очекува да добие голема забрана и суспензија, почнувајќи пред крајот на тековната сезона.
Тоа значи дека покрај тоа што ќе му недостасува на неговиот Брентфорд на крајот од сезоната во Премиер лигата, нема да може да се најде на репрезентативниот список ниту во квалификациите за ЕУРО 2024, кои почнуваат кон крајот на месецов.
За напаѓачот, кој на 16-ти месецов ќе полни 27 години, ова е трета сезона во боите на Брентфорд, а втора по ред во Премиер лигата. Лани на 33 натпревари постигна 12 гола, додека претходно во Чемпионшип на 45 погоди дури 31 пат и беше една од клучните алки за промоцијата на Брентфорд во елитата. Пред да дојде во Брентфорд настапуваше за Питербороу Јунајред, Сканторп Јунајтед, Виган Атлетик, Шрозбури Таун, Барнсли, Њукасл Јунајтед и Нортемптон Таун.
На листата на стрелци во Премиер лигата лидер убедливо е Ерлинг Холанд со 27 голови, втор е Хари Кејн со 18, а третото место го делат Ајван Тони и Маркус Рашфорд со по 14.