Дисциплинскиот комитет при Серија А експресно ги одреди казните за играчите кои синоќа беа исклучени на натпреварот помеѓу Милан и Интер во 33. коло од Серија А. Интер славеше со 2:1 и ја обезбеди титулата на пет кола до крајот на сезоната.
Капитенот на Милан, Давиде Калабриа, доби црвен картон во 7. минута од надополнувањето, откако го удри без топка Давиде Фратези. Тој доби суспензија од 2 натпревара, што значи дека ќе ги пропушти дербито за второто место со Јувентус на гости и дуелот со Џеноа дома.
Во 5. минута од судиското надополнување дојде до тепачка помеѓу играчот на Милан, Тео Ернандес, и играчот на Интер, Дензел Думфрис, по што и двајцата добија црвени картони. Тие ќе пропуштат по еден натпревар, односно оние викендов против Јувентус и против Торино.
Дисциплинскиот судија им изрече и парични казни од по 10.000 евра.