Двајца кандидати за градоначалник во Мексико беа убиени во интервал неколку часа во градот Мараватио, пред националните избори на 2 јуни.
Нападот врз политичарите се случи во западната држава Мичоакан, која е еден од најнасилните региони во Мексико, пренесува AFP.
Гинекологот Мигел Анхел Рејес Завала, кој беше кандидат на партијата Морена, на чело со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопес Обрадор, беше убиен во своето возило пред клиниката кадешто работи.
Двајцата вооружени напаѓачи пукале од непосредна близина, а потоа побегнале со автомобил, според очевидци. Неколку часа подоцна, Армандо Перес Луна, кој се надеваше дека ќе ја претставува опозициската Национална акциона партија (PAN), беше пронајден мртов во автомобил со куршуми во телото, објави државното обвинителство.
Зголемувањето на крвопролевањето пред изборите стана се почеста појава во Мексико, каде локалните политичари се цел на насилство. Околу 36 кандидати беа убиени на последните национални избори во 2021 година.
Повеќе од 30 луѓе се убиени во насилствата поврзани со изборите во Мексико од јуни минатата година. Од тој број, 16 биле политички кандидати, објави истражувачката група Laboratorio Electoral.
Убиствата често се случуваат кога допрва треба да започне изборната кампања. Насилството се припишува на зајакнувањето на нарко картелите во Мексико.
Во извештајот на истражувачкиот тинк-тенк Integralia Consultants се наведува дека организираниот криминал ќе „експлодира“ како никогаш досега на локалните избори во 2024 година, бидејќи картелите го проширија своето работење и не се вклучени само во дрога.