Огромната црна мечка по име Тенкот Хенк (Hank the Tank) е фатена откако беше во бегство повеќе од една година по серијата кражби во куќи во Калифорнија, јавува BBC.
Се верува дека мечката тешка 227 килограми од 2022 година упаднала во 21 дом околу езерото Тахо. Иако му дале машко име Хенк, всушност станува збор за женка регистрирана под ознаката 64F, која ќе биде ставена во прифатилиште во Колорадо. Три од нејзините младенчиња треба да бидат сместени во објект во округот Сонома во Калифорнија.
Министерството за риби и диви животни во Калифорнија објави дека биолозите на безбеден начин ја имобилизирале мечката за која е докажано дека е провалник во домовите благодарение на ДНК анализа.
Откако ќе биде детално прегледана за да се утврди нејзиното здравје, мечката ќе биде преместена во прифатилиште во близина на Спрингфилд, Колорадо. Калифорниските власти рекоа дека преместувањето вообичаено не е опција, но овојпат тоа е неопходно поради „славата“ што ја стекна мечката.
„Со оглед на интересот за оваа мечка и значителниот ризик од сериозен инцидент, оваа акција ќе го заштити семејството на мечките и луѓето во заедницата Саут Лејк Тахо“, се вели во соопштението.
Гувернерот на Колорадо, Џаред Полис, се пошегува на социјалните мрежи дека името на мечката е сменето и сега се вика Тенкот Хенриета (Henrietta the Tank).
На мечката првично ѝ беа припишани 40 кражби, но примероците од ДНК покажаа дека се виновни уште најмалку две мечки.
Таа е значително поголема од просечната црна мечка и пораснала без страв од луѓе. Благодарение на нејзината сила, успевала да влезе во домовите и да се почести со храна.