Истакнатиот руски опозициски политичар Владимир Кара-Мурза е уапсен пред неговата куќа во Москва, пренесе германската новинска агенција DPA.
На Кара-Мурза му е одреден притвор, соопшти неговиот адвокат Вадим Прохоров. Се товари за непочитување на наредба од полицаец, војник и службеник на федералната безбедносна служба.
За овој престап пропишана е казна затвор до 15 дена.
Истакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека двапати преживеал мистериозно труење за кое ја обвинува руската тајна служба. Според истражување на групата Bellingcat, Кара-Мурза бил следен од агенти на руската тајна служба ФСБ, а за кои се сомнева дека се вмешани во труењето на Алексеј Навални.