Британската банкарска групација TSB ги повика социјалните медиуми и апликациите за запознавање подобро да ги заштитат своите корисници од лажни профили поради алармантниот пораст на љубовни измами.

Анализирајќи ги податоците од декември 2020 година до јануари 2022 година, TSB откри дека љубовните измами речиси се удвоиле во споредба со нивоата пред пандемијата, со рекордно зголемување од 91% во загубите - во просек од 6.100 фунти по инцидент.
Истражувањето на TSB откри дека измамените во вакви „врски“ плаќале во просек два месеци (62 дена), но имало барем една измама која траела 1.059 дена, речиси три години.
Во 32% од случаите - речиси секој трет случај - измамниците земале пари од жртвите повеќе од две недели пред жртвите да сфатат дека се жртви на љубовни измами. Повеќе од една четвртина (27%) од лажните врски траеле повеќе од еден месец, додека 11% траеле повеќе од половина година.
Според психологот Сем Овен, колку подолго траат овие „врски“, толку повеќе жртвата сака да го направи тоа да функционира и потешко ѝ е да каже „не“.
„Тука е најважно да се исклучите веднаш штом ќе почнете да забележувате знаци дека личноста со која разговарате е измамник“.
Во случаите кога е регистрирано потеклото на љубовата измама, првичниот пристап на измамникот бил направен преку социјалните мрежи и апликациите за запознавање, при што Facebook како место на „фаталната средба“ се појавува во повеќе од една третина (35%) од сите случаи на измама. Следуваат Tinder (24%), Plenty of Fish (21%), Match.com (9%), Olderdating.com (3%), Bumble (3%) и Instagram (3%).
Според истражувањето, сите возрасни групи се подложни да станат жртви на љубовна измама. TSB вели дека им ги вратил парите на жртвите на возраст од 18 до 77 години. Просечната возраст на жртвите пријавени од банкарската група е 47 години.
Жените се жртви во 66% од случаите на измами поврзани со љубовните врски. Статистички, тие губат во просек по 6.300 фунти во споредба со просечната загуба од 4.600 фунти кога мажите се жртви на романтична измама.
TSB вели дека само 35% од средствата изгубени во романтични измами се враќаат на жртвите.