Град Скопје воведува бесплатни автобуски линии до Средно Водно, како и бесплатен паркинг на паркингот кај Дом на печат.
„Градот Скопје и ЈП 'Градски паркинг' ги известуваат граѓаните дека поради повторното ставање во употреба на жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст и можноста бесплатно да се возат во автобусите на ЈСП на линиите со број 25 (Транспортен центар – Средно Водно), број 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и број 25Б (Дом на печат – Средно Водно) за време на викендите (сабота и недела) и на државни празници, на јавното паркиралиште 'Дом на печат' рампите ќе бидат кренати (за време на викенд и на државни празници)“, соопшти Градот.
Исто така, на јавното паркиралиште зона А0 на Средно Водно, за време на викендите (сабота и недела) и државните празници ќе биде зголемен бројот на контролорите за паркирањето и на инкасантите за наплата.
„Градот Скопје апелира до граѓаните своите возила да ги паркираат исклучиво на обележаните паркиралишта во градот и да го чуваат зеленилото и јавните површини од оштетување“.