Неодамнешните истражувања на јапонските научници сугерираат дека учебниците по астрономија наскоро би можеле да претрпат ревизија.
Тим научници предводен од јапонската Национална астрономска опсерваторија објави нова студија во која соопштува дека откриле докази за потенцијална нова планета, скриена во длабочините на нашиот Сончев Систем.
Меѓутоа, ова не е првпат во научните кругови повторно да се појави идејата за уште една планета во нашето вселенско опкружување. Низ годините, неколку истражувачки тимови имаат сугерирано за нејзиното постоење, иако досега ниедна теорија не е потврдена. Последената во низата предлага хипотеза поддржана со детално набљудување на објектите што лежат во оддалечен регион на Кајперовиот Појас.
Проучувајќи аномалии во орбитите на овие објекти, истражувачите заклучиле дека на нив би можела да влијае значителна гравитациска сила, потенцијално - непозната планета. Според истражувањето, оваа мистериозна планета би можела да биде и слична на Земјата, но и трипати поголема, што би ја сместило во потполно друга категорија од станатите познати тела во Кајперовиот Појас.
Кајперовиот Појас е регион што се наоѓа позади Нептун и е познат како огромно поле на заднептунови објекти, т.е. небесни тела воглавно составени од карпи и мраз. Движењето и однесувањето на објектите во него, кои останале практично непроменети од формирањето на Сончевиот Систем, на научниците можат да им понудат клучни траги за неговото формирање и најраните денови.
Досега сите откриени објекти позади Нептун, освен еден, се помали од Плутон, или со слична големина. Од 2006 година Плутон престана да биде планета, бидејќи е помал дури и од некои месечени, па сега Сончевиот Систем има 8 планети. Тука се наоѓа Ерида, откриена во 2005 година која е за 27% поголема од Плутон и која како и Плутон спаѓа во категоријата џуџести планети.