29 февруари 1940, Хети Мекдениел станала првата Афроамериканка која добила Оскар
На денешен ден, 29 февруари, во 1940 година, актерката Хети Мекдениел добила Оскар за споредна улога во филмот „Gone With The Wind“ и станала првата Афроамериканка која ја добила оваа престижна филмска награда.
„Gone With the Wind“ добил 8 Оскари. Подоцна од Американскиот филмски институт е ставен четврт на листата на 100-те најдобри американски филмови на сите времиња, и шести на рангирањето од 2007 година.
Исто така, Хети е првата црна жена која пеела на радио во САД. Таа се има појавено во над 300 филмови. Има две ѕвезди на Патеката на славните во Холивуд, една за нејзиниот придонес во радиото и една за филмовите.
Во 2006 година станала и првата црна Оскаровка чиј лик се најде на поштенска марка во САД.
Хети е родена на 10 јуни 1895 година во Вичита, Канзас, а починала на 26 октомври 1952 година во Лос Анџелес. Била мажена четири пати, но немала деца. Во американската кинематографија ќе остане запаметена како квалитетна актерка, пејачка и текстописец, како и славна комичарка.