На денешен ден, 9 август, во 1986 година, групата „Квин“ за последен пат настапи во живо со својот фронтмен Фреди Меркјури.
Концертот се одржа во Небворт Парк, Стивенејџ, Велика Британија. Пред публика од 120.000 луѓе, Фреди го затвори концертот со „We Will Rock You"/"We Are The Champions“ и „God Save The Queen“.
„Квин“ е еден од најпознатите британски рок бендови, по потекло од Лондон. Од настанувањето во 1970 година, бендот функционираше во составот Фреди Меркјури - вокал и пијано, Брајан Меј - гитара, Џон Дикон - бас гитара и Роџер Тејлор - тапани, сѐ до смртта на Меркјури како последица од СИДА во ноември 1991 година.
Во својата успешна кариера, „Квин“ стана еден од најпочитуваните бендови на сите времиња со стотици милиони фанови низ светот, а неговата музика сѐ уште влијание на модерната рок музика. Меѓу нивните најпознати хитови се „Bohemian Rhapsody“, „I Want To Break Free“, „We Will Rock You“, „We Are The Champions“ итн. По смртта на Фреди Меркјури во 1991, во организација на Queen се одржа познатиот концерт во чест на Фреди Меркјури во 1992, на кој најголемите музички ѕвезди од светот му оддадоа почит на легендарниот пејач и ги испеаја неговите, но и нивните авторски песни.
Во 1995, останатите три членови на Queen, користејќи ги демо-снимките на Меркјури, го создадоа албумот Made In Heaven посветен на пејачот. Во 1997, бендот ја сними нивната последна песна како Queen, „No-One but You (Only the Good Die Young)“, посветена на принцезата Дaјана, но и на нивниот вокалист, колега и пријател, Фреди Меркјури. По овој хит, басистот Џон Дикон го напушти бендот несакајќи да продолжи без неговиот идол, по што Брајан Меј и Роџер Тејлор продолжија да снимаат со нивниот пријател Пол Роџерс како Queen + Paul Rodgers.
Погледнете го историскиот концерт: