Австриецот Матијас Мајер (31) ја одбрани титулата олимписки победник во велеслалом на Зимските олимписки игри во Пекинг, славејќи со четири стотинки предност пред сребрениот Американец Рајан Кокран-Сигл и 42 стотинки пред бронзениот Норвежанец Александер Омот Килде.
Така Мајер стана првиот алпски скијач во историјата кој освоил злато на три различни ЗОИ. Покрај златото во супервелеслалом од Пјонгчанг пред четири години, овој од Пекинг има и злато од спустот од Сочи во 2014. За Мајер ова е и втор медал во Пекинг, во понеделникот освои бронзен во спуст.
Австриецот до победата стигна со добро поминат завршен дел од патеката.
„Пред мојот настап, го видов настапот на Килде на телевизија и знаев дека морам да одам на сè или ништо. Отидов со сета сила до последната врата и се покажа одлично“, изјави Мајер.
Тој стана вториот скијач во историјата кој го одбранил златото во оваа дисциплина, по Норвежанецот Шетил Андреа Омод, најдобар во 2002 и 2006 година.
Кокран-Сигл стана најголемото изненадување на трката, откако постигна само една победа во деветте сезони на Светскиот куп досега, а во вторникот стигна до олимпиското сребро. Норвежанецот Килде во Пекинг пристигна како лидер во Светскиот куп и во спуст и во супервелеслалом, но од Пекинг си заминува со бронзен медал во тие две дисциплини, а во понеделник беше петти во спуст.