Новата сезона во шампионатот во Формула 1 започнува денеска со првиот слободен тренинг на патеката „Сахир“ во пресрет на стартот на трката за Големата награда на Бахреин, која е закажана за в сабота во 16 часот.
Титулата во Ф1 ја брани холандскиот возач на Ред Бул, Макс Верстапен, кој минатата сезона победи на дури 19 трки. Тој е актуелен трикратен светски шампион, откако ги освои титулите во 2021 и 2022 година. Негов тимски колега годинава ќе биде Мексиканецот Серхио Перес, кој минатата година оствари 2 победи.
Светските медиуми јавуваат дека Ред Бул и оваа година е фаворит за титулата, откако минатата сезона возачите на овој тим победија на 21 од 22 трки. Ред Бул ја освои титулата кај конструкторите во 2022 и 2023 година.
За Ферари ќе возат Шарл Леклер и Карлос Саинс, додека за Мерцедес Луис Хамилтон и Џорџ Расел. Хамилтон неодамна објави дека ова е негова последна година во Мерцедес, бидејќи од следната сезона ќе вози за Ферари.
Во тимот на Мекларен ќе бидат Ландо Норис и Оскар Пјастри, додека за Астон Мартин ќе возат Фернандо Алонсо и Ленс Строл. За Алпин ќе возат Естебан Окон и Пјер Гасли, а во тимот на Вилијамс ќе бидат Александер Албон и Логан Сарџент.
Заубер годинава ќе настапува под името Кик Заубер, бидејќи на швајцарскиот тим му истече договорот со Алфа Ромео. Во швајцарскиот тим ќе бидат Валтери Болтас и Чоу Гуанју.
Тимот на Алфа Таури го промени своето име во Виза кеш еп РБ Ф1 тим. За овој тим ќе возат Даниел Рикардо и Јуки Цунода, додека Хас ќе ги има Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг.
Во новата сезона ќе се одржат 24 трки, што е рекорд во Ф1. Големата награда на Кина се враќа во календарот на Ф1 за првпат по 2019 година и пандемијата на коронавирусот.
На шест патеки ќе се одржат и спринт трки. Спринт трките ќе се возат во Кина, Мајами, Австрија, Остин, Катар и Бразил. Сезоната ќе заврши на 8 декември со трката во Абу Даби.
Првиот слободен тренинг во Бахреин почна денеска од 12:30 часот, додека вториот тренинг е закажан за 16 часот. Во петок од 13 часот и 30 минути е закажан третиот слободен тренинг, а квалификациите почнуваат во 17 часот.