Спасувачките тимови продолжуваат со потрагата по преживеани во урнатините по разорните земјотреси што ја погодија турско-сириската граница.

Бројот на загинати во Турција и Сирија сега е најмалку 15.865, објавија властите. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган прогласи тримесечна вонредна состојба во 10-те региони најпогодени од земјотресите.
Сè уште се можни чудесни спасувања
Иако девет од десет луѓе се спасени од урнатините во првите 72 часа, луѓето можат да преживеат подолго.
„Постојат многу различни сценарија каде што имавме навистина чудесни спасувања и луѓето преживеаја во ужасни услови“, изјави за AP д-р Кристофер Колвел, специјалист за итна медицина на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.

„Овие се обично помлади луѓе и имаа среќа да најдат или џеб во урнатините или некој начин да пристапат до потребните елементи како воздух и вода“, рече тој.
По земјотресот и цунамито во Јапонија во 2011 година, еден тинејџер и неговата 80-годишна баба беа пронајдени живи откако девет дена беа заробени во нивната срамнета куќа. Една година претходно, 16-годишно девојче од Хаити беше спасено по 15 дена од урнатините на земјотресот во Порт-О-Пренс.
Ердоган призна дека имало пропусти
Турскиот претседател призна дека имало „пропусти“ во одговорот на неговата земја на разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 15.000 луѓе. Реџеп Тајип Ердоган се соочува со сè повеќе критики од семејствата кои останаа фрустрирани од бавната реакција на спасувачките тимови, додека надежта дека ќе се најдат повеќе преживеани се намалува.
Многу Турци се пожалија на недостаток на опрема, експертиза и поддршка за помош на заробените - оставајќи ги беспомошни додека слушаа лелеци од под урнатините. За време на посетата на провинцијата Хатај, каде што загинаа повеќе од 3.300 луѓе и беа уништени цели населби, Ердоган рече: „Не е можно да се биде подготвен за таква катастрофа. Нема да оставиме ниту еден наш граѓанин без грижа“.

Поминаа 72 часа од земјотресот
„Повеќе од 90 отсто од преживеаните од земјотресот се спасени во првите три дена по земјотресот“, изјави Илан Келман, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Поминаа 72 часа откако разорните земјотреси ги погодија Турција и Сирија.
„Генерално, земјотресите не убиваат луѓе. Уривањето на инфраструктурата убива луѓе“, рече професорот.

Еден од клучните фактори е времето, кое, вели Келман, е целосно против спасувачките тимови бидејќи температурите често се под нулата. „За жал, тоа значи дека е можна и хипотермија и дека луѓето, за жал, исто така умираат поради временските услови“, рече Келман.
На оние кои ќе успеат да ја преживеат зимата и повредите им треба храна и вода. Без вода многу луѓе ќе почнат да умираат на третиот, четвртиот или петтиот ден по земјотресот, вели овој професор.