Членовите на култната серија „Friends“ (Пријатели) проговорија по ненадејната смрт на нивниот колега и пријател Метју Пери, кој го глумеше Чендлер Бинг во споменатата серија.
„Сите сме целосно уништени од загубата на Метју. Бевме повеќе од колеги глумци. Ние сме семејство. Имаме многу да кажеме, но во моментов ќе одвоиме еден момент да тагуваме и да се соочиме со оваа незамислива загуба“, во заедничка изјава за списанието People напишаа Џенифер Анистон, Лиза Кудроу, Дејвид Швимер, Кортни Кокс и Мет ЛеБланк.
„Ќе кажеме повеќе со време, како и кога ќе можеме. Засега нашите мисли и нашата љубов се со семејството на Мети, неговите пријатели и сите што го сакаа ширум светот“, додадоа тие.
Најпознатата шесторка во светот ја снимаше серијата „Friends“ од 1994 до 2004 година. За тие 10 години станаа и останаа вистински пријатели и на екранот и во приватниот живот.
Метју Пери беше најмладиот и многу омилен лик во серијата, кој насмеа милиони ширум светот со своите саркастични коментари.
Меѓу останатите ликови од „Friends“ кои му оддадоа почит на Пери е и Меги Вилер, која ја толкуваше Џенис, он-оф девојката на Чендлер.
„Каква загуба. На светот ќе му недостигаш Метју Пери“, напиша таа на Instagram. „Радоста што им ја донесе на толку многу во твојот прекраток животен век ќе продолжи да живее. Се чувствувам многу благословена од секој креативен момент што го споделивме“.
Пери викендов беше пронајден мртов во своето џакузи, а причината за неговата смрт сѐ уште е под истрага. Имаше само 54 години.