Продажбата на нови автомобили во Европската Унија падна за една четвртина во текот на 2020 година, не сметајќи го декември.
Пандемијата на COVID-19 сериозно го разниша европскиот пазар на автомобили, имајќи предвид дека во периодот јануари-ноември, на клиентите им биле испорачани 25,5 проценти помалку нови возила отколку во истиот временски интервал во 2019 година.
Продажбата беше намалена од 12 на околу 9 милиони автомобили во 2020 година.
Хрватска беше најтешко погодена од кризата (-42,4%), а по неа следат Португалија и Бугарија (обете -36,4%), па Шпанија (-35,3%).
Од големите европски пазари, Италија забележа пад од 29 проценти, а Франција 26,9. Во Германија, во периодот јануари-ноември, продадени се 21,6% помалку нови автомобили отколку во истиот период во 2019 година.
Најмал пад е забележан во Литванија (-16,2%), Шведска (-16,4%), Данска (-16,5%) и Финска (-16,7%).
Според Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), групацијата Volkswagen сè уште има најголем удел на пазарот во ЕУ (25,6%), со испорачани 2,28 милиони возила.
Следува францускиот PSA (15,4%), кој продаде 1,37 милиони автомобили во ЕУ за единаесет месеци од 2020 година, а третата е групацијата Renault (11,5%), која испорача 1,02 милиони возила на клиентите.
Четвртиот е Hyundai (со брендовите Hyundai и Kia), петти е FCA, шести е BMW Group (BMW, MINI), седми е Daimler (Mercedes плус Smart), а осми Toyota.
Ford и Volvo ги заокружуваат првите десет.