Италијанската влада претходно објави дека името на новиот модел на Alfa не е во согласност со законот и мора да се смени.
Донекаде очекуван епилог од приказната која започна со најавата дека Alfa Romeo Milano ќе се произведува во Полска. По само неколку дена од премиерата на моделот, реагираше италијанската влада, која посочи дека практиката кога автомобилот со име Milano се произведува во Полска, би била измама на јавноста и со тоа ќе го прекрши законот.
Адолфо Урсо, италијанскиот министер за економија, рече: „Автомобил наречен Milano не може да се произведува во Полска. Тоа е забрането со италијанскиот закон“. Притоа, тој се повика на законот од 2003 година, кој спречува производи со „италијанско име“ да се произведуваат надвор од Италија.
„Овој закон предвидува дека не можете да давате индикации кои ги доведуваат во заблуда потрошувачите. Значи, автомобил наречен Milano мора да биде произведен во Италија. Во спротивно, тој дава погрешни индикации кои не се дозволени според италијанскиот закон“, рече Урсо.
Alfa Romeo затоа попушти и реши да го преименува новитетот. Малиот теренец Alfa сега ќе се вика Junior.
„Изборот на името Junior е сосема природен, бидејќи е силно поврзан со историјата на брендот и беше еден од главните избори во компанијата, но и меѓу обожавателите“, мислејќи на GT 1300 Junior од 1966 година. „Одлучивме да го смениме името, иако знаеме дека не сме обврзани да го сториме тоа, бидејќи сакаме да ја зачуваме позитивната емоција што отсекогаш ја предизвикувале нашите производи и да избегнеме секаков вид контроверзии“, изјави Импарато.
Освен името, сè останато ќе остане исто, вклучително и тоа дека Junior ќе се произведува во Полска. Како што изјави извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес за Auto News, ова ќе заштеди околу 10.000 евра. Токму поради полското потекло, Junior може да има цена под 30.000 евра.