Снежана Стојчевска: Поезијата е огледало и на крајот секој ќе си се види себе во неа

Александра Спасеска
/ 25.07.2022 / 19:43

Неодамна од печат излезе „Празно место“, новата книга на поетесата Снежана Стојчевска, во издание на „Современост“.

Книгата, за чија корица се погрижи Калин Маловски, е шеста поетска книга на Стојчевска, која зад себе има пет објавени стихозбирки и плодна кариера во областа на културата, го сподели процесот низ кој поминала создавајќи ја новата поетска книга.

„’Празно место’ е мојата шеста поетска книга која стилски и тематски се надоврзува на моите предходни дела. Карактеристично за неа е тоа што се состои од три засебни целини, на кои може да се гледа како три книги во една, бидејќи се три различни света меѓу кои има прзно место. Првиот дел насловен ‘Во арената на животот’ продолжува таму каде што застанав во предходната книга ‘Ќе се завијам во песни’, кај загубата и болката, и говори за тоа како понатаму, како да се живее со таа болка секој ден и го побива познатото правило дека времето лечи сè. Вториот дел, ‘Порака до себе’ е еден вид интроспекција и своевиден колаж од приказни и емоции. Најголемиот акцент е ставен на минливоста на времето и соочување со промените низ кои минувам како личност. Третиот дел, ‘Совршена стварност’ се исечоци од стварноста во која ја величам едноставноста и убавината на среќна остварена љубов“, вели таа.

„Книгата е пишувана во период од три години од кои еден дел беше пандемиски што секако имаше влијание врз мене, а тоа се отсликува и во поезијата. На моменти низ песните може да се насети хумор и самоиронија, некои песни наликуваат на анегдоти, некои се пишувани со детска искреност. Во книгата има и еден расказ пишуван од детска перспектива. Се стремев кон тоа со што малку зборови да пренесам приказна, слика и емоција. Поезијата е огледало и на крајот секој ќе си се види себе во неа. За мене е единствен начин да ги канализирам сите мисли и енергии кои ме опседнуваат и на тој начин да држам баланс помеѓу фантазијата и реалноста“, изјави Стојчевска за Kajgana.com.

„Да се извадат срцето и душата на виделина и искрено да се понудат пред очите и судот на јавноста е многу тешка работа, и тоа го знае секој уметник што твори во било која форма. Уште потешко е таквото дело да се конципира без патетика, без најава за апокалипса, а сепак со доволно жештина да жежне. Уметноста само таква и вреди да ја има“, ќе напише поетесата и новинарка Љупка Антеска во рецензијата за „Празно место“.

Снежана Стојчевска (1980) дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 2008 до 2022 година работи во филмската продукција Квазар Филм, како координатор продукција. Има работено на повеќе македонски филмови и на голем број телевизиски реклами и кампањи.

Во 2012 година ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на ИЛИ-ИЛИ, како дел од едицијата Русалки, во која се јавува како уредник. Под нулата е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, која ја доделува Домот на културата Кочо Рацин – Скопје. По нив следуваат поетските книги „Модри фантазии“ (Темплум, 2015), „Треба да е лесно“ (Антолог, 2017), „Ќе се завијам во песни“ (МИ-АН, 2019).

Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија, меѓу кои „Игропис“ (Фуснота, 2020), „Астални Проекции“ (Бегемот, 2018), зборникот „Креативни точки“, (МИ-АН, 2018); панорамата „Гласови на новиот век“, (ПНВ, 2018); „Ова е моето последно молчење“, (Антолог, 2016); „Гребени на љубовните пловидби“ (ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, 2014), „Лирски додекамерон“, (СВП, 2012), како и во изданија на меѓународни фестивали како на пр. на словенечки јазик во „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21 век“ (Велење, 2016), на српски јазик во зборникот „Поетики“, (Бања Лука, 2018) итн. Во ноември 2019 година учествува на фестивалот за литература за деца и возрасни InterLese во Магдебург, Германија и за таа пригода избор од нејзина поезија е преведен на германски јазик и објавен во книжевното списание Oda (1/2020). Покрај овие настапи и објави, таа е редовен учесник на најзначајните поетски манифестации во земјава.

Од почетокот на 2018 година е ангажирана како извршен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Истата година станува дел од Версополис европска платформа за поети и фестивали. Во 2019 се јавува како приредувач и уредник на арт панорамата - Допир во издание на Арт Еквилибриум Гевгелија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Член е на организацискиот одбор на Скопски поетски фестивал, чие прво издание се одржа во септември 2021 година.

Од април 2022 година ја извршува функцијата директор на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје.

 

Избор песни од „Празно место“:

 

ПРАЗНО МЕСТО

 

Околу трпезариската маса има четири стола.

Накрсно седиме

мајка ми спроти брат ми,

јас спроти татко ми.

Таква е и конекцијата,

на татко ќерка, на мајка син.

 

Со време брат ми се отсели,

на негово место сега седи син ми.

Понекогаш мајка ми му вели Владе,

наместо Калин.

Сѐ почесто вели само “сине“,

така е сигурна дека нема да згреши.

 

Откако татко ми нѐ напушти

секој од нас јаде сам, во различно време.

Aко седнеме истовремено ќе нѐ боли 

недостигот што зјае од празното столче.

 

Тројца сме, но тенџерето

и мерката за ручек останаа за четворица.

Храната што останува

утредента ја давам на мачките.

 

Го кревам капакот од тенџерето со пире

и со лажица несвесно го делам на четири.

Мајка ми го гледа крстот и се прекрстува

мислејќи на една четвртина од нас,

која е на небото.

 

 

СМРТТА ДОАЃА ВО ТИШИНА

 

Како се доближуваше до крајот,

за кој не бевме свесни, татко ми

сѐ повеќе сакаше да седи во тишина.

Веќе не гледаше ни вести.

Го смируваше само Animal Planet.

 

Низ саваната една газела долго бега

од канџите на лавот, а тој ѕвер упорен

на крајот ќе дојде до својот плен,

сурова реалност или поетска слика

како навестување дека животот завршува

во истрајните канџи на смртта.

 

ВРЕМЕ-ПРОСТОР-ТЕЛО

 

Навистина е убаво

кога ти е удобно во својот дом,

во својата соба, во својата кожа,

и немаш потреба да излезеш,

да избегаш, што подалеку од сѐ,

од себе.

 

Сакаш оваа состојба да трае

што подолго

непроменета, недопирлива,

навидум постојана.

 

Се чини ништо не се менува,

но мигот полека се измолкнува,

а ти нечујно учествуваш во своето

незабележливо минување

низ ова време-простор-тело

-живот на дело.

 

СОВРШЕНА ГЛЕТКА

 

Излегува од водата како што изгрева сонце,

потемнет Аполон, бакнат од сонцето.

Морските капки што се слеваат по него

се солзите на Венера.

 

СОВРШЕНА СТВАРНОСТ

 

Опуштена и задоволна ти лежам на градите,

низ прозорецот со очите го допирам морето.

Ме бранува твоето дишење,

ме тера да помислам дека Бог ме сака

штом ми подарил ваква среќа,

едноставна и лесна.

 

Моментот е толку совршен

што полека тежнее кон нестварност,

сака да премине во расказ, поема

или филмска сцена.

 

Не треба да се штипнам,

лошата музика на соседите е тука

за да ме потсети дека не сонувам.

 

НЕДОСТИГ

Од еден до друг здив,

од првото до последното видување,

трнче ми остави во окото

кое не ми дава да го склопам,

а да не те помислам.

 

Боцка. Глочка.

Од ум ме вади,

а ум не ми доаѓа.

 

Заумив веќе

од таа студена сила

што кон тебе ме влече.

 

Можам да бидам свила

сторена сета,

со глас на самовила

и пак не би знаела

дали би ме посакал?

 

Дали вода од изворот мој би се напил?

Дали мојот допир те обележал

или не си ни забележал

дека во твоето постоење

сум го вдахнала зборот?

реклама

740.000 случаи на рак годишно се поврзуваат со една навика

Read more

Од 25 април почнува финансискиот успех за еден хороскопски знак

Read more

Како машината за перење и облеката секогаш да ви мирисаат совршено?

Read more

Заврши ретрограден Меркур: Детален хороскоп за сите знаци, 2 ќе бидат најсреќни

Read more

Книги

Граѓаните на ЕУ повеќе претпочитаат печатени отколку електронски книги

Read more

КАЈГАНА препорака: Зошто треба да го прочитате крими романот „Нож“ на Ју Несбе?

Read more

Промовирана монографијата 100 години Тиверија

Read more

Нов роман на Фросина Пармаковска

Read more
 

Магазин

Стјуардеса ги откри најдобрите места за деца и зошто родителите со бебе не треба да летаат ноќе

Читај повеќе
  • play_arrow

Рецепт на денот: Ќофтиња со кашкавал и зеленчук

Читај повеќе

Како да го намалите нивото на кортизол во телото ако постојано сте под стрес?

Читај повеќе

Заврши ретрограден Меркур: Детален хороскоп за сите знаци, 2 ќе бидат најсреќни

Читај повеќе

Гостите секогаш ги забележуваат: 6 ситници кои би можеле да ве посрамотат

Читај повеќе

Која храна содржи најмногу пластика?

Читај повеќе

Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот главна тема на социјалните мрежи

Читај повеќе

740.000 случаи на рак годишно се поврзуваат со една навика

Читај повеќе
  • play_arrow

Како машината за перење и облеката секогаш да ви мирисаат совршено?

Читај повеќе