Германскиот тенисер Александер Зверев направи невиден скандал на АТП турнирот во Акапулко, Мексико, откако по натпреварот во двојки го нападна судијата и се обиде да го удри со рекет, па по казна беше исклучен од натпреварувањето.
Инцидентот се случи откако тој и неговиот партнер Марсело Мело загубија од Хари Хелиеваара и Лојд Гласпул, а Зверев и Мело веруваа дека погрешно е доделен поен во корист на нивните ривали во тајбрејкот во третиот сет.
Третиот тенисер во светот се приближи до столчето на кое седеше судијата пред да почне да го удира со рекетот. Потоа седна, но повторно му пријде на судијата и со гласни пцовки продолжи да удира со рекетот во близина на неговите нозе додека судијата успеваше да ги избегне ударите.
„Го уништивте целиот натпревар, е*ате. Целиот натпревар, е*ате“, викаше Германецот.
АТП веднаш реагираше и го дисквалификува Зверев од турнирот, а тенисерот најверојатно ќе се соочи со посериозни санкции по овој несекојдневен инцидент.
Зверев во осминафиналето во поединечна конкуренција требаше да игра со Петер Гојовчик, а исто така ја бранеше и титулата во Акапулко.