Најдобриот египетски фудбалер Мохамед Салах ќе се врати во Ливерпул заедно со клупските лекари и нема да ѝ помогне на својата репрезентација во следните натпревари на Африканскиот куп на нации.
Салах, на натпреварот од второто коло во Б групата против Гана ја повреди тетивата и мораше да го напушти теренот.
Лекарите од Ливерпул моментално се упатија кон Брегот на Слоновата коска, а откако го прегледаа напаѓачот, во договор со египетската репрезентација решија тој да се врати во Ливерпул.
„Доколку се опорави до финалето, а Египет е во борба за трофејот, ќе му биде дозволено да лета таму и да игра“, изјави Јирген Клоп по синоќешниот натпревар против Борнмут на кој Ливерпул славеше со убедливи 4:0.
Инаку Египет се наоѓа во тешка ситуација, со само два бода по првите две кола. За да си обезбеди пласман понатаму денеска ќе мора да ја победи селекцијата на Зелен 'Рт, која со две победи веќе го обезбеди првото место во групата.