Фејсбук оставки и фантомски непријатели: Има ли машинист во возот на Друштвото на писателите на Македонија?

АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА
/ 15.10.2023 / 13:49

Индолентноста што подолго време тивко и далеку од очите на јавноста владееше во редовите на Друштвото на писателите на Македонија, деновиве експлодира јавно (одново и одново!) со објави и преписки на социјалните мрежи меѓу раководството и членовите на ДПМ. Неотповикливи оставки, повлекувања на оставки, закани (или „закани“?), притисоци (или „притисоци“?), повици и апели...

Да се вратиме малку наназад. Во мај 2022 година, кога се одржа редовно изборно собрание на ДПМ, на кое за нов претседател на ДПМ беше избран Христо Петрески, основач и директор на издавачката куќа Феникс, со освоени 69 гласови од присутните писатели. Неговиот противкандидат Живко Грозданоски освои само 8 гласа помалку. За претседателка на Собранието на ДПМ беше избрана Кристина Николовска (без противкандидат), а за членови на претседателството на ДПМ: Весна Мојсова Чепишевска, Зоран Анчевски, Владимир Мартиновски, Васил Тоциновски, Јулијана Величковска, Славчо Ковилоски, Лилјана Пандева, Александра Јуруковска и Марина Мијаковска.

Противкандидатот Грозданоски му честиташе на Петрески, со надеж дека ДПМ ќе тргне кон некои нови текови, најмногу поради членовите на Претседателството, во кои писателот Грозданоски кажа дека верува. Меѓу дел од членовите, особено помеѓу помладите, остана скептицизмот дека нешто ќе се подобри по изборот на Петрески и Николовска. Но, се роди и надеж дека деветте члена на Претседателството ќе имаат корективна улога и нема да му дозволат на претседателот да управува самоволно.

Клопчето почна да се одмотува само четири месеци по востановувањето на новото раководство: на 15 септември писателката Јулијана Величковска, незадоволна од начинот на кој врвот на раководството го води Друштвото, си даде оставка од претседателството на ДПМ. Една година подоцна, осум од деветте члена на Претседателството на ДПМ: Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска, Александра Јуруковска и Бранко Цветкоски (кој ја земени Величковска) – поднесоа оставки од функциите.

„Мојот став и моите аргументи зошто си дадов оставка од претседателството на ДПМ беа јавно изнесени и писмено, а потем, и усно образложени на состанок на претседателството на ДПМ, уште на 15 септември минатата година. Дека состојбата и угледот на ДПМ се на крајно ниско ниво, беше нешто со што се согласија и другите присутни членови на претседателството, а и самиот претседател. Мојот потег тогаш беше повик или пример што се надевав дека ќе го следат и другите членови, коишто неофицијално, надвор од состаноците го искажуваа своето незадоволство од раководството, но тоа, еве, се случува дури по повеќе од една година, што ценам дека е задоцнета реакција“, рече Величковска за МИА.

Таа смета дека оваа криза е пресвртна точка по која или ДПМ конечно ќе се реформира и ќе почне да работи во насока на грижа за подобрување на правата и положбата на писателите во општеството, или ДПМ целосно ќе згасне и ќе се роди ново, такво што ќе соодветствува со потребите на денешниот писател во Македонија.

Цветкоски во оставката наведе дека:„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА на моето членство во Претседателството.“

Од оставките почна снежната лавина од некохерентни изјави и соопштенија од раководството на ДПМ, што само се надоврзаа на впечатокот за самоволието во донесување на одлуките во Друштвото.

Претседателот Петрески на 9 октомври годинава преку објава на Facebook профилот на ДПМ соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, наведувајќи „здравствени причини“. Истиот ден, претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, свика вонредно изборно собрание за 25.11.2023, иако во повикот не беше посочено за кои функции ќе заседава Собранието.

За да станат нештата уште позамрсени, Петрески вчера, потпишувајќи се под објава на Фејсбук профилот на ДПМ, ја повлече оставката, откако од првичната објава за неговата оставка мистериозно беше избришан зборот „неотповиклива“, на што дел од членовите реагираа дека тоа е самоволие, фалсификат и нетранспарентност од страна на раководството.

До членовите на Друштвото на писателите на Македонија и до медиумите ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ОСТАВКАТА Почитувани, По барање...

Posted by Друштво на писателите на Македонија on Saturday, October 14, 2023

По најскорешните преписки на Фејсбук, бришењето на зборот „неотповиклива“ пред оставката од страна на претседателот, писателката Јулијана Величковска изјави: „Однесувањето на претседателот е крајно инфантилно и срамно, со очигледни нечесни намери. Преземањето улога на жртва наликува на онаа старата ‘дрште го  крадецот!’. Нема што друго да се каже освен дека некои луѓе се транспарентни, а некои се само проѕирни.“

Писателите упатија и Јавен повик до Николовска во кој порачаа дека нема да дозволат „да продолжат обидите за држење во заложништво на Друштвото на писателите на Македонија“.

„По кусото и неконцизно обраќање на претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, јавно ја повикуваме веднаш да престане со манипулациите! За Вонредното изборно собрание закажано за 25 ноември 2023 година, МОРА да се распишат избори за: претседател на Друштвото, претседател на Собранието, членови на Претседателството и членови на другите тела на ДПМ. Секакво подигрување без да се распишат избори за СИТЕ раководни позиции и за членови во другите органи во ДПМ ќе претставува обид за продолжување со самоволието и насилието, кои му го одзедоа достоинството на ДПМ. Македонскиот писател мора да го искаже својот став! На ДПМ му треба систем од вредности! ВЕДНАШ!“, гласеше нивниот повик.

Додека не стивнуваа бурните реакции на членството и јавноста, редакцијата на Kajgana.com се обиде телефонски да стапи во контакт со Петрески. По неуспешниот обид, испративме прашања до официјалниот мејл на ДПМ, со прашања во врска со оставката на Петрески и случувањата во ДПМ. Прашавме зошто е направено ажурирање на првичната објава на социјалната мрежа Фејсбук при што е отстранет зборот „неотповиклива“, со какви „притисоци, уцени и закани“ се соочил Петрески, од чија страна и со каква цел; и дали Вонредното изборно собрание што Претседателката на Собранието на  Друштвото на писателите на Македонија, Кристина Николовска, го свика за ден 25.11. 2023 година, ќе се одржи и која е начелната цел на ова собрание?

Кратко потоа Петрески одговори на телефонскиот повик и рече дека „таму сè пишува„ и „нема што да додавам и одземам“.

„Големи притисоци, закани, уцени... и затоа ја дадов оставката, но сега фала Богу сум подобар, ја повлекувам оставката, а сите работи ќе се разјаснат. Не можам повеќе од ова“, рече Петрески во телефонскиот разговор кој го прекина додека му беше поставувано прашање околу ажурирањето на објавата и отстранувањето на зборот „неотповиклива“. Тој еднострано го прекина разговорот, без да даде одговори, а уште помалку да му бидат поставени прашања.

Неколку часа подоцна, добивме одговор на мејлот, не од официјалниот мејл на ДПМ, туку од личниот на Петрески. Овој своевиден одговор на нашето барање за коментар подоцна дословно беше објавено на официјалниот Фејсбук профил на ДПМ:

ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИТЕ НА МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ ЗАЛОЖНИК НА ПРИТИСОЦИ, УЦЕНИ И ЗАКАНИ Во врска со мојата...

Posted by Друштво на писателите на Македонија on Saturday, October 14, 2023

Рано утрово стигна уште еден допис од Петрески во кој се вели:

„Почитувана македонска јавност и почитувани членови на Друштвото на писателите на Македонија,

Подолг период Друштвото на писателите на Македонија како столб на македонската самобитност и идентитет е стожер и борец за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Со најновите организирани напади ДПМ се наоѓа пред притисоци, доведувајќи го во прашање и неговото постоење.

За жал, повеќето членови на ДПМ не знаат со што се соочува Друштвото во овие тешки моменти за Македонија и жалам што се доведени во заблуда од поединци.

Изјавувам дека како Претседател на ДПМ бев и сум под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик.

Писателите  се вистинскиот браник на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура и затоа апелирам и ве молам на најубав начин да ги сочуваме заедно - во одбрана на ДПМ кое има  76 години традиција, или како што би рекол безвремениот Блаже Конески: ,,Јазикот е единствената наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски - ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште”.

По овој криптичен допис следеше уште едно Фејсбук соопштение од Петрески дека понатамошната комуникација  во врска со актуелната состојба на ДПМ нема да ја продолжи на социјалните мрежи, туку во ДПМ како институција.

Ваквата „комуникација“ со медиумите и јавноста, но пред сè со членството на ДПМ, отвора низа сомнежи, не само околу начинот на кој се раководи со оваа многу важна институција, туку и зошто некој толку го избегнува цврстиот став на македонските автори, зошто се пригушува нивниот глас, кому му оди во прилог оваа гротеска, ова валкање на угледот на ДПМ, ваквиот бизарен заплет, а можеби најважно од сè: чуму овие фантомски непријатели?

Писателот Славе Ѓорѓо Димоски нагласува дека мора да се биде транспарентен во смелите изјави за вршење притисок и да се укаже недвосмислено на кого се алудира, особено кога станува збор за националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик.

„А ако имал [Петрески] притисок од други лица по ова прашање, имињата се соопштуваат јавно, за да ги осуди и јавноста. Нели е тоа патриотски долг, и тоа долг на одговорно лице, кое меѓу другото е и за зачувување на ‘националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик’“, прашува тој.

Академик Катица Ќулавкова го повика Петрески да го сочува своето достоинство и да покаже дека јавниот интерес му е поголем од личниот.

„Не се понижувај повеќе Христо. Даде неотповиклива оставка и сочувај бар малку достоинство, остани си на зборот. Рече од здравстврни причини, а сите знаеја дека причините се системски и вредносни. Ќе сочуваш бар малку почит ако не се фаќаш панично за функцијата претседател на ДПМ како за сламка на спас. Сите македонски писатели од значење бараат темелни промени на ДПМ и ваша оставка. И јас ќе го напуштам ова ДПМ, оти одамна не сум суштински дел од членството. А зошто не сум? Оти не импонира ни со лидерството, ни со општествената и културна улога што (не) ја врши. И не од сега. Имаш личен интегритет, сочувај си го бар него. Каков претседател си ти, кога членовите на Претседателството те напуштија? Зар не ја знаеш легендата за кралот Деметриј, кога го напуштиле Мскедонците! Бегај, Христо, бегај, не ти е местото таму. Направи гест! Со тебе и досегашната претседателка на Советот! Ова е морален чин, шанса да покажеш дека имаш малку морал и дека јавниот интерес ти е поважен од личниот“, стои во нејзината реакција за повлекувањето на оставката на Петрески.

Новинарот и писател Ѕвездан Георгиевски во текст за Рацин.мк насловен „Панаѓур на суетите“ добро потсети дека ова „не е прв раскол (ако воопшто е раскол) во Друштвото“. Тој потсетува дека „За разлика од сегашните членови на Претседателството што се повлекоа од своите функции, а не од членството во ДПМ, во средината на 90-тите години, една поголема група автори, и тоа, би рекол, мошне важни имиња за македонската литература, го напуштија Друштвото, незадоволни од неговата работа, и формираа Друштво на независни писатели. Меѓу нив беа: Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Лилјана Дирјан, Ефтим Клетников, Петре М. Андреевски, Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Игор Исаковски, Никола Маџиров, Роберт Алаѓозовски… Имиња кои доволно говорат за тоа за каков потрес се работи. Меѓутоа, ДПМ, што би се рекло, ни мува не го полази. Не смени ништо во својот пристап кон работите... И во ‘мирнодопските’ времиња на Друштвото на писателите, некои писатели се откажуваа од своето членство. Некои од нив тоа го правеа тивко и без многу врева во јавноста. Некои, пак, не го криеја своето незадоволство од (не)постапувањето на ДПМ.“

Како што нагласуваат и поголемиот дел од членовите на ДПМ во нивните ревносни објави и коментари, овие случувања, колку и да се непријатни и бизарни, не се очекува или прижелкува да доведат до распад на ДПМ, повлекување на членството и рушење на оваа институција. Напротив, напорите и желбите се да се врати ентузијазмот и поривот да се обнови сјајот на ДПМ, не само како дом на македонските писатели, туку и еден од столбовите на македонската култура. Новите сили и искуството да се спојат во една движечка сила што ќе ја подобри состојбата и статусот на авторите, но и на македонската книжевна сцена, како дома, така и надвор од границите.

Дека е повеќе од потребна разврска на оваа бизарна состојба во ДПМ е јасно, но исто така заглушувачки е гласна потребата од транспарентно известување и следење на состојбите во културата кај нас, во време кога квалитетот на медиумите опаѓа, а редакциите кубурат со новинари кои би ги покривале овие теми, особено оние кои одамна немаат или никогаш немале културна рубрика. Тешките прашања мора да се поставуваат и не смееме да отстапиме од барањето одговори. Им го должиме тоа на минатите, но уште повеќе на идните генерации.

реклама

Невролог советува на која возраст треба целосно да се престане со пиење алкохол

Read more

Голем неделен хороскоп од 29 април до 5 мај

Read more

5 хороскопски знаци ќе бидат на чекор до раскинување во мај

Read more

3 здрави јаглехидрати за контрола на шеќерот во крвта

Read more

Култура

Велигденски концерт на НУ Охридско лето со женскиот хор Менада

Read more

Распишан конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2024 година

Read more

27 април 1952, роден е Горан Стефановски

Read more

С.О.С. фестивалот се враќа на домашната сцена

Read more
 

Вести

Зошто ЕУ сè уште купува руски гас?

Читај повеќе

Меџити: Ахмети побара спас кај Ромите, Турците, Бошњаците, сега чиста албанска опција за новата влада е само ВРЕДИ

Читај повеќе

Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ

Читај повеќе

Путин ги откажа парадите на 9 мај: Стравот од украински напад е посилен од традицијата

Читај повеќе

Остар пад на доларот

Читај повеќе

Велигденски концерт на НУ Охридско лето со женскиот хор Менада

Читај повеќе

Граната од Првата светка војна најдена најдена во близина на кампот за мигранти во Гевгелија

Читај повеќе
  • filter

Русите жестоко напредуваат, Украинците бесни: Ова е вистинската ситуација на бојното поле, нѐ лажат

Читај повеќе
  • play_arrow

Огромна експлозија во воена база во Камбоџа, загинаа 20 војници

Читај повеќе