Сѐ поизвесно е дека Килјан Мбапе нема да го напушти ПСЖ ова лето, и според пишувањата на влијателните медиуми, постојат два легитимни кандидати да го донесат следната година без надомест, бидејќи францускиот напаѓач ќе биде слободен играч.
Интересот на Реал Мадрид, кој ќе му понуди астрономска плата, е познат долго време, но ESPN сега известува дека Мбапе е цел и на Манчестер Јунајтед.
Со купувањето на една од најголемите светски ѕвезди, „Црвените ѓаволи“ сакаат да се вратат на старите патеки, па се очекува во јануари да ја започнат операцијата за доведување на Мбапе.
Јунајтед нема да има проблем да ги задоволи финансиските апетити на младиот француски напаѓач, па прашање само ќе биде која опција ќе ја изберат Мбапе и неговото семејство.
Да потсетиме, Французинот има важечки договор со „Светците“ до 30 јуни 2022 година, но од претходно испраќа сигнали дека размислува за промена на средината.
Претседателот на Реал, Флорентино Перес, не крие дека Мбапе е неговата главна цел, а напуштањето на ПСЖ дополнително го навести доаѓањето на Лионел Меси во парискиот клуб.
Сепак, претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелајфи, сака барем една сезона да го види во акција застрашувачкото трио Мбапе-Меси-Нејмар кое ќе го предводи клубот во обид конечно да ја освои Лигата на шампионите.