Распишувањето потерница за Доналд Трамп и други 47 Американци се бара врз основа на истрагата за убиството на генералот Солејмани.
Иранските власти испратија барање до Интерпол да издаде црвена потерница за 48 американски официјални лица, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, по обвинение за вмешаност во убиството на генералот Касем Солејмани.
Портпаролот на иранскиот јавен обвинител Гулам Хусеин Исмаили, во Техеран изјави дека истрагата за убиството на командантот на елитната единица на иранската Револуционерна гарда, Солејмани, се спроведува во соработка со шест земји, вклучувајќи го и Ирак.
„Утврдено е дека во убиството на Солејмани учествувале 48 лица, вклучувајќи го и претседателот на Соединетите Американски Држави како првообвинет, како и командантите и службениците на Пентагон и американските војници во регионот“, рече Исмаили.
Тој рече дека Иран побарал Интерпол да издаде меѓународна црвена потерница за осомничените.
Командантот на иранската елитна единица Кудс, генерал Солејмани, беше убиен на 3 јануари минатата година во воздушен напад извршен од американските сили во Багдад.
Вкупно десет лица беа убиени во нападот.