ПРЕД ПРОМОЦИЈАТА НА ПЕТТАТА КНИГА „ДВЕ МОРИЊА“

Јосип Коцев: Сакам напишаното јасно и гласно да му зборува на читателот

Поетската биографија на Јосип Коцев неретко може да го наведе читателот дека се работи за човек со многу повеќе лета зад себе. Неговата директна и смела лирика, сигурноста во изразот и бестрашноста со која посегнува по вистините го прават Јосип Коцев еден од највпечатливите современи поетски гласови.

Јосип Коцев (Фото: Радмила Ванкоска)

Вечерва, 15 јуни, во 19 часот, во книжевниот центар Антолог, ќе се одржи промоцијата на неговата петта книга „Две мориња“, по „Јас, Квентин Скриблер“ (2015), „Напишана тишина“ (2016), „Сега е најдолгото никогаш“ (2018) и „Музеј на чувствата“ (2019). Коцев работи во областа на маркетингот и комуникациите, а за своите дела се закитил со наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2017) и на „Бели мугри“ што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје (2019). Двапати бил во потесна конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2017 и 2020). Учествувал на повеќе домашни и меѓународни поетски фестивали. Член е на Европската поетска мрежа „Версополис“. Неговата поезија е застапена во книжевни списанија и антологии во земјата и во странство.

За неговата нова поетска книга Оливера Ќорвезирова ќе рече дека е „убава, зрела и избрусена“.

„Препознатливиот формат на ‘крвава љубовна лирика’ или ‘адресирана љубовна лирика’ си е зачуван, но, за среќа, и надограден, развиен со едни прекрасни, длабоки рефлексивни песни од кои на врвот е ‘Детства’“, нагласува таа.

Александра Јуруковска, пак, ќе забележи дека „она што Коцев го најави уште во 2015 година со своето првенче ‘Јас, Квентин Скриблер’, а растеше во неговите следни дела, сега е сосема препознатлив знак за неговото веќе зрело поетско писмо: непоправлив лиричар, мајстор на кусиот, прецизен, а сепак толку раскошен стих.“

Разговаравме со Јосип, в очи на вечерашната промоција, за неговото бурно патување низ поезијата и соочувањето со стравовите што растат со неизбежното созревање.

По херметичноста на „Музеј на чувствата“, судејќи по насловот на книгата и неколкуте песни со кои ја почести твојата читателска публика, се чини дека „Две мориња“ ни дава една широчина на мислата, можност не само да ги брцнеме стапалата во водата, туку да дозволиме поезијата да нè преплави сосем и да се препуштиме на едни поголеми длабочини без страв. Каква беше твојата пловидба меѓу двете мориња на Детството и Зрелоста?

Несигурна, разнишана. Уште од тој премин меѓу детството и зрелоста сакав да бидам самоуверен, самоубеден во сè што правам. Но никогаш не станав таков, и затоа ќе ги брцнете стапалата во уште едно пространство полно со преиспитувања, двоумења, каења, надминати и ненадминати стравови. Досегашната пловидба ме научи дека што и да правам, преодреден сум да го започнувам од нула. Па, така е и со пишувањето. Пред секоја песна, пред секоја книга се чувствувам како да немам напишано ниту еден ред претходно. Растоварувањето од минатото е ослободувачко од секој аспект. Во поезијата посебно.

Твојот лирски субјект повторно е предмет на обожавање, но овојпат, насетувам, со подлабока интроспекција и барање на одговорите во себе. Како го натежнуваш компасот кон себе?

Со многу талкање, вон себе и кон себе. Сега сум внимателен каде газам, но далеку од тоа дека престанав да се удирам од ѕидовите во темнината. Едно е сигурно, секогаш ќе се барам, во поезијата, во уметноста, па и надвор од неа, бидејќи сè е толку менливо и минливо. Штом еднаш помислам дека конечно сум се нашол, стрелката на компасот покажува дека сум некаде другаде.

Твојата поезија е длабоко емотивна, концизна и неретко моќно поентира. Дали ја наоѓаш како противтежа на често недообјаснетиот, неемпатичен свет што нè опкружува и тегобното време во кое живееме?

Откога знам за себе и откога пишувам, сакам напишаното јасно и гласно да му зборува на читателот, да комуницира и да остане со него. Навистина не ми е пресудно дали тоа ги исполнува академските естетски, стилски очекувања и критериуми. Ако ги исполнува, уште подобро, но не сакам делото да биде скриено во некои витрини бидејќи останало неразбрано и само да се закашлува од прашината на слаткоречиви рецензии со куп сложени термини. Според мене, творењето е жив разговор што го водиме со себеси и другите, еден вид согорување. Читателот е најважен затоа што е директниот сведок на тоа согорување. Инаку, сметам дека поезијата се храни од тегобните времиња. Всушност, кога биле времињата лесни, а луѓето совршени и добри? Никогаш. Затоа и преживеал тој фигмент што го нарекуваме поезија.

Каква би рекол дека е твојата врска со јазикот, со уметноста, од оваа временска дистанца и пет објавени книги? Која сметааш дека е должноста на еден творец во денешно време (ако се разликува од минатите времиња)?

Многу променлива е мојата врска со уметноста, дури и после пет книги. Понекогаш јас се затворам кон неа, понекогаш таа кон мене. За разлика од претходно, кога копав на површината, првпат си дозволувам да влезам во подлабокото и затоа, за сè што ќе следува сигурно ќе ми треба повеќе време. Инаку, не знам дали сите автори (уметници) имаат некоја универзална и заедничка ролја. Тоа дека го менуваат светот кон подобро е клише, нели? И некако, неиздржано и без видлив резултат. Мислам, само погледни каков е светот денес. Можеби уметноста е некој седатив кој привремено ја ублажува болката, па ете должноста на творецот нека биде да живее во полн сјај, да се истражува до крајни граници и да му дава на светот што повеќе седирани мигови.

Избор песни од збирката „Две мориња“ на Јосип Коцев

 

ШКОЛКИ НА ВРЕМЕТО

 

Кој беше светот што се лизна

како песок меѓу твоите прсти,

кога бевме деца на небото

и таму горе

си ги слушавме идните животи

во школките на времето?

(Дали е овој во којшто

усните ме болат од молк,

а рацеве од копнеж

за тој дом

што не ми е ни заборав,

ни спомен?)

Долу,

ти си само плитка страст

што ме распнува на две мориња

и вешто ја чека својата гибел

во плимата што надоаѓа.

Овде,

живеам врзан во сè што е

допирливо и земно,

тело од чад стегнато со јажиња,

што се двоуми каде да се врати,

дали кај огнот или меѓу облаците.

ИСЧЕЗНУВАЊЕ

 

Треба да се одвои прашината од сеќавањата.

Зрно по зрно.

Да се признае сушата

и сите надежи да се насочат како стрели

кон сивилото за конечно да распука.

Потем да ги впиеме стравовите

и да ни остане ровка кожа за

она што ќе ни го кажат новите води.

Треба да се допреме низ

силните жлебови на зборот

и да молчиме додека боли.

Треба да се преименуваме во лето,

и како првиот грев

да паднеме врз светот.

Секој ден, неодложно треба

да се спремаме за исчезнување.

ПРОЦЕП

 

Не знам дали те осудив кога

посакав да бидеш првото суштество

кое смртта ќе го заборави.

Живееше во тешките здивови меѓу

гревот и прошката,

влегуваше во малиот простор на

моите затворени судбински кругови

и ме тераше да се поништам

за да го создадеш

моето прво знаење,

да се распаднам

за да го составиш

моето прво сеќавање.

СВЕТ БЕЗ ИМЕ

 

Нема име овој свет

во кој тагата лежи на грб

секогаш спремна

да нè погледне

со очи од ноќ.

Ако му дадеме име

ќе никне простор,

и тогаш сите ќе можат

да нè најдат,

птиците ќе ни ги одредат

страните и годишните времиња,

а луѓето – начините,

како смее да се љуби,

како мора да се умре.

СМРТТА ПРЕД ДА СЕ РОДИМЕ

 

Toa што беше ти во моите стихови,

сега е некој свет што цвета

далеку од лозата

на своите први предци.

Премал сум да ти пишувам писма

за времето пред твојата рожба,

па тој залудно потрошен живот

чекајќи те,

исто може да се нарече смрт.

Смртта пред да се родиме

е иста како таа што доаѓа потоа.

Нив ги дели само едно сеќавање,

една ситна лузна во времето,

која бледнее со молкот

на оние што нe нè спомнуваат.

реклама

Голем хороскоп за МАЈ 2024: Еден знак остварува долгогодишен сон

Read more

Чест симптом за рак на дебелото црево се забележува при вршењето нужда

Read more

Албанката Ева Мурати ја сметаат за најубава водителка на Лигата на шампионите

Read more

Што е сексомнија?

Read more

Интервју

КАЈГАНА ЕКСКЛУЗИВА со Срѓан Драгојевиќ: Од поезија до филм и учеството на Саем на книга во Скопје

Read more

Дарија Андовска, деканка на ФМУ: Интелектуалецот треба и мора да биде општествено ангажиран

Read more

Монументалната архитектура како уметничка скулптура низ објективот на Ерина Богоева

Read more

Надија Реброња: Во Скопје се шета по ритамот на музиката на уличните музичари, а низ Вардар тече поезија

Read more
 

Ново

  • play_arrow

Соочување на теренците: Ferrari Purosangue против Lamborghini Urus

Читај повеќе

Знаци кои покажуваат дека страдате од недостаток на калциум

Читај повеќе

Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април

Читај повеќе

Сиљановска-Давкова до Пендаровски: Ќе дебатирам со празно столче, последната дебата е закажана за понеделник

Читај повеќе

Мицкоски: На СДСМ прогнозите не им излегоа како што тие замислуваа

Читај повеќе

Време е да научите како паметно да се расправате во врската

Читај повеќе

Дали не смеете да јадете црвено месо?

Читај повеќе

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Читај повеќе

Тело на починат маж извадено од Вардар во Велес

Читај повеќе