Јапонија е позната по својата напредна технологија и стремежот сѐ да биде совршено. Затоа не би требало да нѐ изненадува тоа дека земјата одлучно реши да тргне во развој на летечки автомобили.
Владата вложи големи средства во развојот на летечки автомобили, со цел да ги комерцијализира уште во 2023 година!
Планот е летечките автомобили да го растеретат патниот сообраќај во големите градови, но и да го поттикнат иновативниот начин на превоз во тешко достапни подрачја.
Компанијата SkyDrive направи план за производство на овие возила. Автомобилот би се возел до пистата, односно местото на полетување, па би се вивнал во воздухот, пренесува порталот Zimo.
Целта е до 2050 година да биде можно да се прелета од кое било место до друго во Токио за помалку од 10 минути.
Овој летечки автомобил е висок 1,5 метар и широк е 4 метри. Потсетува на дрон, а би требало да може да вози неколку десетици километри со максимална брзина од 100 км/ч.
Со оглед на тоа дека се работи за мало електрично возило, од компанијата Sky Drive се надеваат дека полесно ќе добијат дозвола за полетување и слетување во урбаните средини.
Ширум светот повеќе од 100 компании, меѓу кои Boeing, Airbus и Uber, развиваат свои верзии на летечки автомобил, па се чини дека во блиска иднина ова би можело да стане алтернативен транспорт на кој ќе може сериозно да сметаме.