Буквално недопрен римски мозаик стар 1.600 години е откриен во централниот дел на Сирија.
Мозаикот, со димензии 20x6 метри беше пронајден под зграда во Растан во близина на градот Хомс, кој до 2018 година го држеа бунтовниците за време на граѓанската војна. Либански и сириски бизнисмени ја купиле старата зграда, која датира од IV век, и ѝ ја донирале на државата.
За мозаикот се вели дека е најредок од ваков вид бидејќи прикажува митски сцени, вклучувајќи ги Тројанската и Амазонската војна.
Многу од археолошките богатства во Сирија се оштетени по повеќе од еднодецениската војна.
Но, најновото откритие се опишува како најважно археолошко откритие од почетокот на конфликтот во 2011 година.
„Она што е пред нас е откритие кое е ретко на глобално ниво“, за Associated Press изјави Хаман Саад, висок функционер во Генералниот директорат за музеи и антиквитети на Сирија.
Додаде дека мозаикот е богат со детали, прикажувајќи го римскиот бог на морето Нептун и 40-те негови љубовници, како и Херакле како ја убива амазонската кралица Хиполита.
Растан беше упориште на бунтовниците и место на интензивни борби сѐ додека не беше заземен од сириските владини сили во 2018 година.
Археолозите Сирија ја сметаат за ризница, бидејќи е дом на некои од најдобро зачуваните реликвии на древните цивилизации, вклучувајќи ја џамијата Омајад во Дамаск и античкиот град Палмира.
Но, многу беше уништено или ограбено во граѓанската војна. Во 2015 година групата Исламска Држава ја зазеде Палмира предизвикувајќи пустош во градот. Потоа Русија ја ослободи Палмира.
Хаосот го поттикна и црниот пазар на помали предмети како што се монети и статуетки.