Што се случува во Друштвото на писателите на Македонија?

АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА
/ 09.10.2023 / 12:25

Актуелниот претседател на Друштвото на писателите на Македонија, Христо Петрески, денеска преку објава на Facebook профилот на ДПМ соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата.

„Најпрвин им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи“, вели Петрески, кој додава дека неотповикливата оставка е од „здравствени причини“.

Оставката на Петрески следи по превирањата во ДПМ изминативе денови.

Само ден претходно, вчера, Друштвото излезе со соопштение како реакција на оставките на осум од девет членови на Претседателството на ДПМ, кои беа поднесени на 4 октомври, пред 5 дена. Имено, писателите Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска поднесоа оставки како членови на Претседателството на ДПМ.

Тие му се заблагодарија на членството на ДПМ за укажаната доверба дадена на редовните избори што се одржаа во мај 2022 година, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакаа плодна и успешна работа.

Оставка поднесе и Бранко Цветкоски, поет, критичар и издавач, кој соопшти:

„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА на моето членство во Претседателството.“

Соопштението од ДПМ на овој потег беше следново:

„Целокупното работење на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија од Изборното собрание до денес е водено според Статутот на Друштвото на писателите на Македонија. Сите одлуки за активностите на Друштвото на писателите на Македонија се поставени на седници и верификувани од страна на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија. Пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на Друштвото на писателите на Македонија. За работата на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија постои архивирана и верификувана документација. Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија во целост ги отфрла сите невистини и инсинуации изнесени во јавноста. Друштвото на писателите на Македонија не смее да дозволи да се дискредитираат членовите на Друштвото и членовите на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија кои се легитимно избрани на редовното Собрание. Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија нема да биде заложник на лични интереси, анимозитети и пресметки. Друштвото на писателите нема да биде инволвирано во пропаганди и притисоци кои се штетни на македонските национални интереси кои задираат во идентитетот и во статусот на македонскиот јазик, литература и култура“, гласеше вчерашното соопштение на ДПМ, кое не помина без реакции од членовите.

„Да се свика Изборно собрание и да се стави крај на оваа фарса која го загрозува постоењето на ДПМ“, смета наградуваната писателка и поетеса Лидија Димковска.

Писателот Живко Грозданоски веднаш реагираше на оставката на Петрески со објава во која вели дека:„Овој чин е логичен исход на последните случувања во Друштвото и е за поздрав и поддршка. Следно, останува Претседателката на Собранието, Кристина Николовска, да свика вонредно изборно собрание, на кое ќе бидат избрани новите раководни органи на Друштвото.“

Тој на претходното соопштение на ДПМ излезе со прилично опширен став на темата на која се изјаснувал и претходно. Помеѓу другото, тој забележува:

„1. Пред сè: какво е ова соопштение во кое воопшто не се ни спомнуваат имињата на новите ‘членови’ на Претседателството?

2. Според Статутот на ДПМ (Чл.28), Претседателството *треба да одлучува* за тековните активности. Но, оние осум членови на Претседателството што си дадоа оставка најчесто воопшто не биле консултирани за работата на врвот на раководството на ДПМ – и тоа се чини дека е една од причини зошто си дадоа оставка.

3. Велите сите досегашни одлуки на ДПМ се ‘верификувани’: но ајде приложете записници од состаноците на Претседателството. Колку што ми е познато, нема – воопшто не се работело со записници.

4. Пополнувањето на местата на оние што имаат дадено оставка можеби се случило некогаш да биде „според листата на добиените гласови на Изборното собрание“, но 1) постои ли некаков записник за тоа? 2) дури и да постои доказ, тоа не е важно: тоа не е според Статут, и не е во ред – и не било во ред.

6. Самото ДПМ моментално ги дискредитира своите членови (ги дискредитира оние што ги внесува во Претседателството); самото ДПМ е заложник, а моменталната состојба во ДПМ е штетна за македонските (национални и сите други) интереси. Сета книжевна и културна јавност бара раководството на ДПМ да свика Изборно собрание. Тоа е единствениот легитимен чин што раководството на ДПМ може да го направи сега.“, поентира Грозданоски.

Виолета Танчева-Златева, писателка и лекторка, реагира дека е чудно од каде доаѓа реакцијата на ДПМ.

„Нели речиси сите од Претседателството си поднесоа оставки? Од кого е тогаш ова соопштение? И дали сите што бараме подобрување на состојбите сме против македонските национални интереси?“, прашува таа, а Гроздановски се надоврза дека „ова ‘соопштение’ се срами од самото себе: не ги открива имињата на членовите на ДПМ што се вовлечени во оваа бурлеска што ја приредува ‘раководството’ на Друштвото.“

„Ова се куп празни зборови“, се надоврзува Грозданоски и додава дека „’раководството’ нема храброст ни да се појави да одговори на некои од овие коментари, ниту да ги открие имињата на ‘новите членови’ – исто како да се работи за криминалци, а не за наши колеги, пријатели.“

Писателката и лекторка Лилјана Пандева регира дека со ваквото соопштение „Сега уште излегуваме и непријатели на националниот интерес!“.

„Ќе замолам тие што останаа во Претседателството на ДПМ да го задржат достоинството како што тоа го направивме ние ‘заложниците’. Со ниту еден збор ниту до медиумите, ниту до членството никого ниту нападнавме, ниту навредивме. Затоа, уштe еднаш го замолувам Претседателот да го задржи нивото и уште еднаш да го прочита Статутот и да цитира во кој член стои ‘кооптирање’ (негов збор) членови од Претседателството“, вели Пандева.

На случувањата реагираше и писателот и сликар Димитрие Дурацовски, кој во објавата насловена „Да нема ветар“ вели дека бил запрепастен кога видел „со каква леснина раководството на ДПМ премина преку оставките на ОСУМ од девет членови на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија. Па што ако дале оставки, веднаш ќе ги замениме со нови луѓе“.

„Ме фаќа веќе некаква мачнина кога гледам една незаситност кај некои индивидуи, но не верував до каде може да дојде таа незаситност, таа алчност по функции кои нудат обликување на работењето на една институција, во конкретниов случај на  Друштвото на писателите на Македонија.

Чекајте малку господа. Не може туку-така наеднаш оставка да си поднесат дури ОСУМ членови на претседателството од вкупно девет, белким имало некаква причина? А тие ОСУМ членови кои си поднесоа оставки не се случајни луѓе во нашата книжевност, се зарадував тогаш кога го видов тој сјаен состав на големи креативци и писатели во претседателството“, вели Дурацовски и нагласува дека тој живее во Струга и ретко сретнува писатели кои се членови на ДПМ, па не може од прва рака да се информира за настаните, па затоа ги чита објавите на социјалните мрежи.

Од она што го прочитав кај Бранко Цветкоски сфатив дека (тој) оставката ја дава ‘Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство...’ и така натаму.

Она што под итно треба да направи сегашното раководство е да свика вонредно Собрание“, смета Дурацовски и додава дека според неговите согледувања, „младите се најгласни во повикот дека треба да се расчистат работите, но тие и треба да се најгласни“.

„Се надевам дека младите сега ќе ја оправдаат мојата доверба во нив“, изјави Дурацовски за Kajgana.com.

Реакција има и од професорот и писател Иван Антоновски кој вели:

„Во некои други времиња, во ДПМ имало и некаква идеолошка комисија. Ама ниту тогаш, ниту во времето потоа, не се случило барем формално да не се даде можност во македонската писателска асоцијација да се слушне гласот на македонскиот писател. А сега се случува! Со тоа се гази по достоинството на членството – македонски писатели. Ама се гази и по влогот на оние што го формирале ДПМ со првиот претседател Блаже Конески и по влогот на сите оние кои во ДПМ пред нас вложиле дел од себеси. Затоа што ДПМ е формирано и постои за да се слушне гласот на македонскиот писател, а не за да се пригушува! ДПМ е на македонските писатели и не е фирма во приватна сопственост за некој да може со месеци да ни ја затвора вратата на ДПМ и да нè деградира. Однесувајќи се кон нас и како да не постоиме!“

Живко Грозданоски, кој на претходните избори во ДПМ беше кандидат за претседател на ДПМ, веднаш по групната оставка на членовите на Претседателството на ДПМ пред 5 дена, цитирајќи го Ацо Шопов, изјави дека „ветрот носи убаво време“ за ДПМ. Да веруваме дека е тоа така.

реклама

Невролог советува на која возраст треба целосно да се престане со пиење алкохол

Read more

Голем неделен хороскоп од 29 април до 5 мај

Read more

5 хороскопски знаци ќе бидат на чекор до раскинување во мај

Read more

3 здрави јаглехидрати за контрола на шеќерот во крвта

Read more

Култура

По осми пат ќе се одржи Today It's All About Jazz во Скопје

Read more

Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #3“ во рамките на 4. Скопски поетски фестивал

Read more

Велигденски концерт на НУ Охридско лето со женскиот хор Менада

Read more

Распишан конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2024 година

Read more
 

Вести

Османи за 55-годишнината на МНР зборуваше само за она што било направено во изминатите четири

Читај повеќе

По осми пат ќе се одржи Today It's All About Jazz во Скопје

Читај повеќе

Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #3“ во рамките на 4. Скопски поетски фестивал

Читај повеќе

Зошто ЕУ сè уште купува руски гас?

Читај повеќе

Меџити: Ахмети побара спас кај Ромите, Турците, Бошњаците, сега чиста албанска опција за новата влада е само ВРЕДИ

Читај повеќе

Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ

Читај повеќе

Путин ги откажа парадите на 9 мај: Стравот од украински напад е посилен од традицијата

Читај повеќе

Остар пад на доларот

Читај повеќе

Велигденски концерт на НУ Охридско лето со женскиот хор Менада

Читај повеќе