Владата на Република Словенија синоќа прогласи крај на епидемијата на коронавирус откако бројот на новозаразени секои 24 часа во изминатите 14 дена не беше поголем од 7.
Словенија е првата европска држава која прогласила крај на епидемијата.
Граѓаните од другите земји на ЕУ кои влегуваат во Словенија нема да бидат ставени во задолжителен седумдневен карантин. Но, граѓаните од други земји кои покажуваат симптоми на зараза со коронавирусот нема да им биде дозволено да влезат во земјата, објави Reuters.
Задолжителниот 14-дневен карантин за граѓаните на земји надвор од ЕУ останува на сила, со исклучок на дипломати и лица кои вршат транспорт на стоки.
Официјалното прогласување крај на епидемијата значи и крај на финансиската помош за граѓаните и компаниите кои беа оштетени од последиците на пандемијата. Таа програма ќе заврши кон крајот на мај.
„Словенија ја скроти епидемијата и денеска имаме најдобра епидемиолошка ситуација во Европа“, изјави премиерот Јанез Јанша.
На сила остануваат мерките за одржување физичка дистанца, носење маски и дезинфицирање на рацете при влез во јавни установи.
Од средината на март, Словенија ги затвори училиштата, културните институции, кафулињата, спортските објекти, хотелите и продавниците. Работеа само продавниците за храна и аптеките.
Оваа недела почна со работа градскиот превоз, а следната недела ограничен број ученици ќе се вратат на училиште. Исто така, следната недела ќе биде дозволено да продолжат со работа хотелите, рестораните и кафулињата.
Словенија пријави 1.464 случаи на заразени со коронавирусот и 103 смртни случаи поврзани со болеста COVID-19.