Синоќа македонскиот репрезентативец имаше нова улога во тимот на Наполи менувајќи го повредениот голгетер Виктор Осимхен. Доби пофалби за тоа како одигра.
Лучано Спалети имаше проблеми составувајќи го нападот за синоќешниот прв четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Милан, поради отсуството на повредениот напаѓач Виктор Осимхен, па се одлучи за невообичаен избор - нашиот Елиф Елмас да игра улога на лажна деветка.
Елмас за малку и ќе постигнеше гол кога еден навидум безопасен удар со глава речиси од работ на шестнаесетниикот одеше кон голот, но заврши во пречката. Други шанси немаше, иако 90 минути мина на теренот.
Тренерот Лучано Спалети по натпреварот имаше само пофалби за играта на Македонецот.
„Со вистински напаѓач можеби ќе имавме и повеќе шанси, но Елмас беше тој што ги тераше да грешат во почетокот на акциите. Поради него прелесно ја добивавме топката при креирањето на акциите. Би рекол дека со Елиф можеби имавме помалку шанси отколку со напаѓач, но затоа тој ги притисна и ги форсираше да немаат чиста игра, на што потоа ние ја градевме нашата игра кон противничкиот гол. Од Елиф добивме константен и балансиран притисок. Сега шансите Осимхен да го имаме за реваншот се веќе 100%, а фактот дека го сочувавме ни овозможува дополнителна работа со лекарите за да биде максимално подготвен за пет дена“, рече Спалети.
Според зборовите на самиот Елмас, сепак не се чувствувал толку комотно во новата улога.
„Првпат играв на позицијата центарфор и мислам дека одиграв добро, иако преферирам да играм странично. Одигравме добар натпревар, но сепак имаме негатива и ќе треба играме вака, но и уште подобро на реваншот пред нашите гледачи. Знаевме дека нѐ очекува тежок дуел против Милан, тие сепак се актуелни италијански шампиони. Мислам дека дома резултатски можеме многу подобро“, изјави Елмас.
Македонскиот репрезентативец имаше и многу примедби на судењето на романските судии, за кои рече дека го фаворизирале Милан.
„Не знам што да кажам за судијата... невидено, неверојатно! Им покажа жолт картон на сите наши фудбалери. Противникот направи исти прекршоци, но не добиваше жолти картони. Вакво судење досега не сум видел, токму поради оваа причина на моменти бевме нервозни на теренот“, додаде Елмас.