Volkswagen минатата недела направи изненадување со претставувањето на моделот Golf R 333, а сега следуваше нова импресивна информација.
Цената на Golf R 333 е 76.410 евра што е прилично шокантно, особено ако се земе предвид фактот дека моделот 20 Years Edition, кој во суштина е истиот автомобил од 2022 година, беше достапен за 59.995 евра. Сепак, и покрај ова, ограниченото издание на најскапиот Golf во историјата се распродаде за само 8 минути.
Оваа информација ја потврди шефот на комуникации за производи Штефан Фосвинкел.
За споредба, можете да купите Audi RS3 Sportback во Германија за значително помалку пари. На веб-страницата на Audi, најевтиниот примерок на моделот RS3 чини 66.111 евра, што значи дека е за околу 10.000 евра поевтин од Golf R 333. За цената на овој модел можете да добиете и Porsche 718 Cayman S.
Golf R 333 е наменет за германскиот пазар, а го придвижува 2.0-литарски мотор кој развива 328 КС и 420 Nm вртежен момент. Наводно, Volkswagen сакал за овој модел да го користи моторот од моделот RS3, но од Audi одбиле.
Пред неколку години, VW си поигра со идејата за Golf R400 (или дури и R420), но проектот пропадна поради аферата Dieselgate.