Граѓаните на Белорусија можат легално да преземаат пиратски содржини од „непријателските земји“, но ќе мора да ѝ платат на државата.
Националното собрание на Република Белорусија усвои привремен закон со кој се дозволува нелегално преземање содржини кои потекнуваат од „непријателски земји“, во кои се вклучени САД, Обединетото Кралство и земјите-членки на ЕУ. Законот беше потпишан од претседателот на Белорусија, Александр Лукашенко, а стапува на сила оваа недела.
Законот е одговор на санкциите наметнати од западните земји кон Белорусија поради нејзината улога во руската инвазија на Украина, а белоруските пратеници ја прогласија пиратеријата за прифатлива како средство за поддршка на нејзината економија, бидејќи земјата е силно зависна од странска содржина за забава и софтверска инфраструктура.
Како што наведува TorrentFreak, иако законот им дозволува на корисниците да преземаат софтвери, филмови, серии и музика од „непријателските земји“, сепак на сопствениците на авторските права може да им се плати за нивниот производ. Имено, законот предвидува дека потрошувачите мора да пријават и да платат за пиратскиот материјал. Државниот завод за патенти ќе ги собира и задржува овие средства во период од три години, во текот на кој носителите на правата можат да ги побараат своите пари. Сепак, тој процес нема да се одвива без проблеми.
Прво, носителите на правата нема да можат да ја одредуваат цената на нивните производи, туку државата ќе го направи тоа, но законот не е јасен како ќе се прави пресметката.
Второ, ако сопственикот на интелектуална сопственост не ги побара своите пари во рок од три години, државата ќе ги задржи тие пари. Сепак, дури и ако носителите на правата ги побараат своите пари, не е јасно како ќе бидат исплатени, бидејќи поради санкциите Народната банка на Република Белорусија е спречена да работи со западните земји.
Трето, доколку носителите на правата успеат да ги добијат своите пари, Белорусија ќе им исплати 80% од уплатените средства, а остатокот ќе го задржи како надомест кој ги покрива „трошоците за одржување и сметководство“.
Така, иако пиратеријата во Белорусија е на некој начин легализирана, оние што преземаат пиратски содржини ќе треба да ѝ плаќаат на државата, наместо на носителите на правата, па се чини дека никој освен буџетот на Белорусија нема да има корист од новиот закон, кој ќе биде во сила до 31 декември 2024 година.
Оваа вест доаѓа само 10 дена откако имавме можност да видиме кина низ Русија кои прикажуваат пиратски примерок од „Avatar 2“.