Сметаат дека трансферот на нова технологија е неостварлив за толку краток временски период, под пристојни комерцијални услови.

Најавите на Европската Унија за новиот стандард за издувни гасови Euro7 за возилата во патниот сообраќај предизвикаа големо невреме. Тој би се применувал од 2025 година, а целта е дополнително да се намали емисијата на штетни гасови од новите возила.
Поточно, тоа значи инвестирање во нови технологии и покачување на цената на автомобилите за неколку илјади евра. За купувачите на BMW X5 или Mercedes S класа ова нема да биде голем проблем, но за оние кои можат да си дозволат само модели од пониска класа, дополнителни две илјади евра на цената на автомобилот ќе бидат голем трошок.
Затоа Volkswagen и BMW го искористија германскиот портал за автомобилска индустрија Automobilwoche како платформа за да го изразат своето длабоко несогласување со новите планови на Европската Унија.
Тие се остро против оваа одлука и сметаат дека трансферот на нова технологија е неостварлив за толку краток временски период под пристојни комерцијални услови.
Во BMW сметаат дека Euro7 е инструмент за порано прекинување на производството на бензински и дизел мотори, бидејќи се верува дека производителите на автомобили ќе ја следат линијата на најмал отпор и ќе ги напуштат моторите со внатрешно согорување.
Во ноември, Европската комисија ги претстави своите предлози за Euro7 стандардот. Ограничувањата за автомобилите треба да бидат само делумно пониски отколку според стандардот за издувни гасови Euro6, кој е на сила од 2015 година.
Но, тие треба да се мерат во проширена форма на тестови кои ги земаат предвид параметрите како што се ладни стартови и кратки патувања кога емисиите на штетни гасови (CO2, NOx...) се неколкупати повисоки.
„Не му помага на квалитетот на воздухот ако ги мериме емисиите на издувни гасови на нов мотор со внатрешно согорување со полн гас со коњска приколка во прва брзина на планински премин на Алпите“, рекоа од Volkswagen.
Тие заклучија дека развојот на електричната мобилност е најдобриот начин за намалување на штетните емисии на гасови, но тоа може да биде проблем доколку треба да ги префрлат сите свои ресурси за да ја исполнат нормата Euro7 и разни хомологации.