Aston Martin DB5 е веројатно најпознатиот автомобил што го возел британскиот таен агент 007 во филмовите.
Aston Martin DB5 Coupe се прослави во шеесеттите години во филмовите за Џејмс Бонд, по што стана еден од најпосакуваните спортски автомобили на џет-сетот.
Како во тоа време би изгледал возниот парк на агентот 007 најдобро покажува колекцијата DB5 Vantage Icons понудена за продажба од специјализираниот дилер на моделите на Aston Martin, компанијата Nicholas Mee.
Колекцијата се состои од три модели DB5 со подобрени Vantage перформанси - едно купе, еден кабриолет и караван (Shooting Brake), што е екстремно редок автомобил.
Не помалку ексклузивни се и DB5 Vantage Coupe (произведени се само 50 примероци) и DB5 Vantage Convertible (произведени се само 5 возила).
Патем, варијантите Vantage имаат помоќен мотор за 40 КС во споредба со стандардниот 4.0-литарски од 282 КС, што е доволно за автомобилот да забрза од 0-96 км/ч (0-60 милји на час) за само 6,5 секунди.
Сегашниот сопственик на овие три бисери ги поседува веќе 12 години, а секој од нив е целосно реставриран и изгледа како нов.
Оваа уникатна колекција наскоро ќе биде понудена на продажба по цена од 4 милиони фунти (4,66 милиони евра), што не е премногу ако знаеме за какви примероци станува збор.
Колку за споредба, еден DB5 Shooting Brake што не носеше ознака Vantage беше продадена пред две години за 2 милиони долари (1,64 милиони евра), а се претпоставува дека денес вреди повеќе од таа сума.