Фудбалерот на Лајпциг и француски репрезентативец, Кристофер Нкунку, ќе ја продолжи кариерата во Челси, откако договорил трансфер во лондонскиот клуб, објави денеска Bild.

Според германскиот весник, францускиот напаѓач далеку од очите на јавноста во присуство на медицински тим на Челси успешно ги минал медицинските прегледи во Франкфурт.
Трансферот ќе биде реализиран во јули идната година, а Челси, најверојатно, ќе ја активира откупната клаузула во договорот меѓу Нкунку и Лајпциг, која изнесува 60 милиони евра.
Bild наведува дека постои можност Нкунку веќе во јануари да се пресели во Челси, а раководството на премиерлигашот во преговори со челните луѓе на Лајпциг ќе се обиде да го намали обесштетувањето за францускиот фудбалер.
Нкунку (24) дојде во Лајпциг во 2019 година од ПСЖ, за француската репрезентација досега има одиграно 8 натпревари. Иако етнички Конгоалец, имаше можност да ги брани боите на државата од која потекнува (ДР Конго), сепак Крис Нкунку се одлучи за Франција, земјата во која е роден.