Facebook и натаму се обидува да ја направи својата платформа посоодветна за видео содржини, па во апликацијата е воведен нов плеер за еднообразно прикажување на Reels, подолги содржини и Live видео.
Една од најголемите промени е тоа што клиповите на Facebook сега ќе се прикажуваат на цел екран, дури и оние направени во пејзаж режим. Видеата автоматски ќе се прикажуваат вертикално, но ќе може да се сврти телефонот на страна и да се гледаат повеќето хоризонтално снимени содржини на цел екран.
Дополнително, Facebook ќе понуди и лизгач во долниот дел од екранот, така што корисникот ќе може брзо да се префрли на различни делови од видеото според неговите желби. Надградбата носи и опција за „скокање“ напред или назад за 10 секунди, нешто слично на она што го има Netflix.
Од Metа велат дека корисниците ќе добиваат порелевантни препораки за видеа од сите должини, кои ќе се појавуваат на видео картичката и во фидот. Исто така, компанијата ќе го зголеми бројот на Reels прикажани на Facebook.
Видео плеерот ќе се појави за корисниците на iOS и Android во САД и Канада, а новите контроли доаѓаат во наредните недели. Целосното ажурирање би требало да биде достапно ширум светот за неколку месеци.