Кајгана интервју со маестро Симон Трпчески

Македонија има со што да се пофали и во светот на класичната музика. Таму одамна царува маестро Симон Трпчески, со кого Кајгана имаше чест да „седне“ на онлајн интервју, согласно ситуацијата поради пандемијата.

Симон е роден во Скопје на 18 септември 1979 година. Од мал е со музиката, затоа и го прашавме зошто свири токму на пијано. Денес е еден од најафирмираните македонски пијанисти, ако не и најдобриот на сите времиња кој излегол од оваа мала земја. Вели дека доколку не станел пијанист, големи биле шансите да биде фудбалер.

- Какви се твоите почетоци со музиката? Што те мотивираше да станеш музичар?

На многу природен начин си го покажав својот тaлент за музика и мојата желба. Имав околу 4 години кога почнав самиот да го земам пепелникот и да си замислувам дека свирам на хармоника гледајќи на ТВ емисии со народна музика. Тоа го инспирираше татко ми да купи едно мало хармониче на коешто јас почнав некако да создавам мелодија со десната рака, додека потоа почнав да работам со учителот Пане Панајотов. Потоа продолжив во ПД „Карпош“ со Никола Влахов, а паралелно почнав во музичко училиште. Таму немаше предмет хармоника, па се запишав на пијано. Бидејќи во моето семејство отсекогаш се гаела музиката, особено старата добра македонска песна, некако на многу спонтан начин моите родители го поддржаа тоа, особено татко ми, па така се запишав и во музичкото училиште „Илија Николовски - Луј“ и така полека, полека продолжив.

- Зошто токму пијано?

Како што реков, немаше предмет хармоника, па се префрлив на пијано затоа што ми личеше на најсличен инструмент заради клавијатурата. Од денешен аспект, се разбира, тоа не е баш така бидејќи се работи за сосема различен инструмент, но, во секој случај, ете тоа беше една одлука поради којашто не зажалив, меѓутоа имав и неверојатна поддршка од семејството сиве овие години, којашто е постојана, па сум таму каде што сум.

За мојата љубов кон пијаното и за мојот развој голема улога имаат професорите Романови кои дојдоа од Москва кога се растурија СССР и Југославија, дојдоа овде да живеат и на тој начин ја продолжија својата дејност. Навистина енормно го помогнаа пијанизмот во Македонија.


- Ако ја тргнеме на страна музиката, што правиш во слободното време? Имаш ли некое омилено хоби?

Порано многу сакав да играм фудбал, што повеќе да се дружам со другарите, да шетам. Можам да кажам дека хоби ми беше пишувањето песни, иако и сега понекогаш знам да седнам и да запишам по нешто, имам доста песни кои не се воопшто објавени. Од друга страна, пак, сега кога имам време сакам да седнам и да погледам некој филм, доколку не е спорт во прашање, или пак да погледам некој документарец на National Geographic, Animal Planet или на History Channel, иако, се разбира, немам многу време за тоа и реалноста е таа. Во принцип, сакам најнормални нешто коишто ќе ме изрелаксираат. Исто така, сакам и да возам, иако тоа знае да биде и напорно, ама еве, во ваква пандемија имав можност да возам неколку пати до соседните земји, па и не толку соседните земји, и да уживам во погледите кон природата.

- Дали читаш книги и, ако да, што најмногу милуваш да читаш?

Да, читам. Сега во последно време листам доста книги поврзани со авторите од класичната музика, конкретно Бетовен, Моцарт, Шостакович. Инаку сакам реализам, класици, многу сакам поезија особено македонската и француската љубовна поезија и кога би имал денот многу повеќе од 24 часа би читал многу повеќе, но сум доста зафатен со доста материјали од музиката, мислам на ноти и композиции. Во последно време сопругата многу чита, а да не ја заборавам и ќерка ми која многу сака да чита и сум навистина многу среќен поради тоа. Во секој случај, книгата е еден исклучително важен дел од формирањето на човекот.

- Во некој паралелен свет, што би бил Симон Трпчески доколку не би бил пијанист?

Добро прашање. Можеби би бил фудбалер бидејќи јас многу сакав да играм фудбал. Од друга страна, мислам дека би бил многу добар организатор, или воопшто работа којашто вклучува луѓе бидејќи навистина сакам луѓе и добро комуницирам. Од тој аспект, веројатно добар менаџер или организатор на настани. Сигурно би бил добар и во туристичка агенција. Јас бев дисциплинирано и послушно дете, без разлика што бев темпераментен, бев доста исполнителен во однос на задачите кои ми беа давани. Верувам дека и да сум одбрал друга насока, ќе сум ја завршел во одредена солидна професионална доза и, се разбира, релативна работа е дали тоа ќе било на ниво на коешто би сакал или не.

- Има ли нешто што до сега не си го свирел, а ти е предизвик да го отсвириш?

Има доста дела бидејќи навистина голема среќа е што репертоарот на класичната музика, односно воопшто репертоарот за пијано, е навистина многу голем и еден живот не е доволен дури и за делата коишто би сакал да ги отсвирам. Но, бидејќи јас сум така малку разновиден уметник, односно сакам да имам вариетет во репертоарот што го бирам и свирам, се разбира дека има доста дела коишто би сакал да ги отсвирам и да остават еден печат. Во последно време тоа е нешто што е дел од класицизмот, бележеше голем јубилеј на Бетовен, па и снимив нов албум со, да речам, германски класици. Од тој аспект, ете како еден пример, меѓутоа има доста дела кои доаѓаат и од класицизам и од романтизам кои спаѓаат во 20 век и кои би сакал да бидат дел од мојот репертоар. Во секој случај, сум направил некаква идеја што од тоа да биде во догледно време.

- На кои познати музичари најмногу им се восхитуваш и зошто?

Има доста такви коишто навистина се врвни професионалци токму заради тоа што си нашле свој израз и на тој начин оставаат белег во општеството и предизвикуваат едно многу убаво природно чувство. Тука се типови како Микеланџели, Рихтер, Гилелс, Самсон Франсоа, за среќа постојат и снимки од Вилхелм Кемпф и Мареј Пераја, или пак Чик Кореа, Мишел Камила, Арт Тејтум, Стефан Грапели... има луѓе кои навистина се многу индивидуалци и токму заради тоа оставаат впечаток, заради врвната уметност што ја прават со вкус, а тоа без сомнение е инспиративно за мене.

- Последниве години многу си актуелен со проектот Makedonissimo во кој се вклучени и други македонски музичари кои живеат во странство. Чија беше идејата и како почна?

Makedonissimo е мое чедо. Долго време го вртев во главата како проект, го обмислував, можеби четири години и заради најразлични обврски не успеав да го реализирам порано. Меѓутоа, сум многу горд што на крајот успеав, еве веќе четири години од светската премиера во Германија. Јас пораснав со народната музика, хармониката ми е прва љубов, пораснав во едно семејство кое ја негуваше таа историски важна за нашиот народ музика, како белег на народот, воопшто на нашето постоење, и од тој аспект верував дека има исклучителен потенцијал да биде можеби обработена на еден поинаков начин и да се стави на пиедесталот рамо до рамо со класичната музика, знаејќи ја одговорноста којашто ја носам во себе кога треба да се допре било каков фолклорен мотив, а треба да се обработи. Имајќи предвид дека сите класични композитори биле инспирирани од народната музика на своите, а и на други народи, една од карактеристиките на сржта, всушност на музиката, е таа народна музика која доаѓа од постоењето на човекот, на народот, на една култура, на битието итн, и од тој аспект јас сметам дека избрав фантастична екипа почнувајќи од композиторот Панде Шахов, со кој соработувавме и претходно, а и во процесот на создавање на овој проект на кој јас сум и нарачателот и создавателот.

Remote video URL

Многу сум им благодарен на останатите четворица колеги коишто се навистина фантастични музичари: Хидан Мамудов, Александар Краповски, Александар Сомов и Влатко Нушев кои се луѓе со неисцрпна енергија и креативност инспиративни размени. Мислам дека таа меѓусебна дружба која ја имаме се пренесува и на сцената. Излегувањето на албумот за Linn Records што ги освои срцата на критичарите излезе лани во август во сред пандемијата, се надевам дека ќе остави белег во историјата на македонското народно музичко творештво, меѓутоа и во македонската современа интерпретативна уметност. На тој начин почна целата работа, од мојата глава, имајќи ги контактите со овие луѓе и во рок од една година интензивно комуницирање и соработка со Шахов, со сите колеги, а тројца од нив живеат низ Европа, дојдовме до производот кој првпат се појави во Германија, а после и во десетина земји низ Европа и светот.

- На почетокот на декември објави дека твојата музика ќе биде достапна за патниците на авиокомпанијата Lufthansa. За што всушност станува збор?

Lufthansa си има еден свој концепт на работа кој вклучува најразличен стил на музика за своите патници, голем избор кој се менува на квартали. Во еден од нив многу ми беше мило што избраа ете јас да бидам дел од нивната програма со свој избор на дела кои мене ми се допаѓаат, со мал избор на дела кои јас ги имам интерпретирано, свои снимки во коишто ми е многу мило што го вклучив и Makedonissimo, а тие го прифатија тоа. Во секој случај станува збор за почитување на правила и на авторски права. Јас сум член и на таа алијанса во која Lufthansa е еден од главните партнери, сум летал многу пати со нив, во секој случај еден од брендовите во авионската индустрија кој пренесува милиони патници годишно и затоа е голема чест да се биде дел од нивната програма, дури и за време на пандемија кога е намален бројот на патувања. Во секој случај е нешто големо и многу ми е мило заради тоа.

- Последните настапи ти се во Романија. Со оглед на пандемијата, каков вид на настапи оствари во Букурешт и Клуж? Дали само онлајн или со ограничен број на гледачи? Како функционираше сето тоа?

Ми се погоди оваа сезона да настапам неколку пати во Романија, за жал грото од тоа без публика, онлајн се пренесуваше во живо на социјалните медиуми вклучувајќи го и YouTube. Во октомври требаше да ја отворам сезоната на Радио оркестарот на Романија, меѓутоа во последен момет се откажа заради потенцијален ковид-случај на член на оркестарот, кој на крајот испадна негативен, но тоа е тоа, ова бунило секаде влијае. После тоа свирев со Трансилванскиот државен оркестар во Клуж, па со Националниот младински оркестар во Букурешт, со двајцата најеминентни во моментов романски диригенти - Кристиан Мачелару, кој е главен на WDR келнскиот оркестар во Германија, како и на Националниот оркестар на Франција во Париз, и со Габриел Бебешелеа кој е главен на Трансилванскиот оркестар во Клуж. Со нив повторно настапив и годинава во јануари, повторно онлајн, како и со новиот главен диригент на Енеску филхармоник, најеминентниот оркестар од Романија. Всушност, последните концерти беа сега на почетокот на март во Букурешт и тие беа првите со публика, нормално, со големи ограничувања, меѓутоа сепак со публика и буквално беше многу убаво да се види дека и онака редуцираната публика во Букурешт, која е гладна за уметност и сака уметност, ги распродаде двата концерта што се одржаа. Бебешелеа е главен диригент и на Македонската филхармонија, и мене посебно ме радува заради тоа што е голем професионалец и верувам дека тоа ќе биде добро за развојот на македонската филхармонија.

Во Букурешт

Настапувањето без гледачи е многу непријатен момент заради тоа што ние сите се трудиме да направиме нешто убаво, а сепак испаѓа дека салата е празна и човек треба внатре во себе да се припреми некако, дека ова навистина го правиме и за нас, но и за сите останати луѓе коишто искрено ја сакаат и ја ценат уметноста. Се разбира, се надеваме дека ова лудило ќе почне да зазема надолен тек и да се враќаат полека, полека работите во нормала.

- Постои ли некој град каде отсекогаш си сакал да настапиш, а сѐ уште не си имал таква шанса? Доколку постои, зошто токму тоа место?

Јас сум авантурист по природа и би сакал да настапам на, така да речам, поегзотични места. Во уште некој град во Сибир, да речеме, иако сум настапил во Краснојарск, потоа Монголија не би било лошо, или во Северна Русија или на север во Норвешка, на Гренланд, или во Јужна Африка каде стапнав меѓутоа не со концерт. Големо значење имаат и одредени други места или оркестри, како топ оркестрите, едни од најдобрите со кои сè уште не сум настапил, меѓутоа тоа е релативна работа. И во Јужна Америка би сакал во некои места да настапам, вклучително Рио каде сум бил, но само како турист и каде требаше да свирам сега во мај, но се откажа концертот, односно се пролонгираше. Сакам да посетувам нови места, тоа ми е многу инспиративно и се надевам дека ќе имам таква можност набрзо откако ќе се среди пандемијата.

- Имаш три дечиња. Пројавуваат ли интерес за музиката? Дали можеби меѓу нив се крие наредниот македонски маестро?

Имам една ќеркичка и две машки близначиња. Секој човек си носи некаков ген во себе, но начинот на кој тие растат и атмосферата дома влијае помалку или повеќе. Ќерката Лара е навистина голем уметник во себе и има талент во различни правци од уметноста. Свири виолина, меѓутоа многу сака да чита, убаво пее, танцува, глуми, така што не знам што ќе реши понатаму. Мене ми е мило заради тоа, се разбира. Помалите се сè уште мали, 4 и пол години имаат, меѓутоа двајцата имаат слух, што ме радува, и утре некогаш кога ќе посакаат да поиграат или да попеат, без разлика дали ќе се занимаваат со музика или не, да го прават тоа на природен начин. Ќе видме што ќе одлучат понатаму, јас сум тука заедно со мајка им да ги поддржиме за сето она што ќе одлучат да го прават.

- Како е да се биде Македонец во светската пијанистичка елита? Дали некогаш си наишол на потценувачки однос со оглед на тоа што доаѓаш од мала земја која нема традиција во класичната музика?

Макотрпен е патот, во секој случај, мислам дека огромна лекција беше за мене патот што го поминав во едни турболентни времиња кога јас требаше да учам, да се развивам, а не можеше многу да се излегува од земјата, или кога се надевавме на -20 или +40 дали ќе ни дадат визи, па се тресевме за тоа, потоа со многу скромни финансии бидејќи јас потекнувам од едно многу скромно семејство. Од тој аспект, знаете како, кога државата којашто е мала и која не знае да се цени самата себе пред сè, без разлика што е мала, не се ни потрудила да се избори за одредена позиција којашто ќе им овозможи на многу луѓе во различни професии одредени олеснителни околности. Од тој аспект, во секој случај понаков е, да кажам, имиџот или првичниот впечаток кога доаѓаш од моќна земја отколку од немоќна земја, или помалку моќна. Не зборувам културолошки, бидејќи ние сме многу постари и побогати од многу други и историски и културолошки, но не знаеме тоа да го цениме, така што можам да кажам дека сум горд, многу горд на патот што го поминав и на успехот кој го направив токму од една мала земја и без никакви помошни средства освен на семејството и на пријателите кои помогнале токму кога било најтешко, и од тој аспект мислам дека кога сум го покажувал своето уметничко достигнување, дури и да имало некаков сомнеж или потсмев, сето тоа не било покажувано директно кон мене. Не сум имал таков случај, освен еден момент кога сакаше да се мајтапи еден член на оркестар во една западна земја. Кога диригентката ме престави, тоа беше можеби пред 15 години, ме претстави дека сум од Македонија, а тој сакаше да се мајтапи и праша: „Од која Македонија“, а јас за малку не му ја запеав „Бисер Балкански“ и му вратив „There is only one Macedonia“. Толку беше тоа, никогаш не сум влегувал во никакви препирки, нити имало, меѓутоа секогаш сум бил почитувам заради она што го правам како уметник, а не заради тоа од каде доаѓам. Во многу случаеви е симпатично кога доаѓаш од мала земја којашто нема толку голема традиција во класичната музика, а се претставува еден врвен професионализам и едно врвно уметничко ниво и луѓето навистина тоа знаат да го поздрават и испочитуваат, и јас сум многу благодарен за тоа.

- Не е тајна дека си фан на македонската фудбалска репрезентација и кога ти дозволува времето одиш и на стадион. Беше и на У21 ЕУРО во Полска во 2017. Дали ќе го видиме Симон и сега на трибините на претстојното ЕУРО доколку УЕФА дозволи публика?

Со селекторот Игор Ангеловски во Бидгочш, на полувреме од натпреварот Македнија - Србија на У21 ЕУРО 2017; Фото: Игор Ангеловски

Доколку УЕФА дозволи публика, дефинитивно Симон ќе биде на трибините во Букурешт. Дури и се погодуваат многу убави планови во Букурешт, точно меѓу двата натпревара кои Македонија ги има таму и со големо, големо задоволство почнати се разговори да се покани целата репрезентација да дојде на концерт, доколку, се разбира, има публика или пак на проба, во зависност од плановите и протоколите на целата експедиција. Мислам дека тоа би било една многу убава прилика и за психолошко растеретување на фудбалерите, како една сесија, бидејќи и медицински е докажано дека класичната музика може многу позитивно да влијае на човековиот организам, така што од тој аспект со голема радост ќе сум таму, и да не свирам концерт, и да не се потврди, ќе сторам сè да сум таму за да сум сведок на еден историски момент за нашиот спорт. Јас пораснав со фудбал, и покрај брат ми како постар, и вакво нешто што ѝ се случи на Македонија е за голем поздрав, за голема радост, за голема чест на сите македонски фудбалери кои навистина го оставија срцето на теренот, како и таборот. Така да, да, одиме во Букурешт и навиваме за Македонија.

- Ако не го сметаме концертот во Скопје на крајот на ноември кој се одржа со ограничен број на публика, подолго време немаш одржано голем концерт во родната земја. Може ли наскоро по пандемијава да видиме голем концерт во Скопје, или можеби во Хераклеја или Охрид на Антички?

Да, точно е, иако 2017 ја отворив новата концертна сала со Македонската филхармонија со која претходно немав свирено 10 години. Што да кажам, реалноста е таа, чинам дека последниот концерт беше во Кичево 2014, ако не се лажам. Можам само да кажам дека јас секогаш сум бил отворен за настапи, меѓутоа во секој случај треба да имаме предвид дека треба да се имаат вистински луѓе на чело на вистинските институции кои ќе имаат вистински визии за тоа како треба да се организира, односно да се водат културни настани, да се има визија за текот на културниот живот и во градовите и во земјата и како треба да се испочитуваат своите уметници со такво ниво. Од тој аспект, јас се надевам дека ќе имам можност да настапам во Македонија, на различни места, оној пат кога ќе се остварат услови за тоа, а се надевам ќе биде во најбрза иднина.

- Токму месецов се појави и на МРТ од каде објавија дека Симон снима во нивното студио. За што поточно се работи?

Многу ми е мило што сега на почетокот на април имав можност, така да кажам, да го оживеам прекрасното Студио М1 на Македонската телевизија, иако напуштено, но со врвни карактеристики, за потребите на снимањето на новиот албум кој ќе вклучи дела од македонскиот композитор Панде Шахов, како и францускиот Гијон Конесон. Во еден ваков тежок пандемски бран, во Македонија дојдоа членовите на Makedonissimo од Европа, како и двајца гости, нашиот врвен виолинист Ѓорги Димчевски и виолинистот од Романија, а со потекло од Тетово, Сорин Спасинович. Голема благодарност до Марјан Цветковски, директорот на МРТВ и тимот на МРТВ за укажаната доверба и почит во овозможувањето на снимањето во студиото кое се надевам дека набрзо повторно ќе се врати во својот стар сјај.

Фото: официјален facebook профил на Симон Трпчески 

реклама

Научниците открија каде може да има вонземјани кои ја набљудуваат Земјата

Read more

Бон Џови и покрај богатството пет дена неделно мие садови во ресторан

Read more

Русите објавија снимка од протерувањето на британскиот разурнувач

Read more

Од понеделник ќе се издаваат документи со новото уставно име

Read more

Интервју

Кајгана интервју со маестро Симон Трпчески

Read more

Пандемиски муабети: Наталија Теодосиева и Ерина Богоева

Read more

Кирил Марковски, национален Вело – крос шампион: Целам кон поголеми предизвици

Read more

Интервју со Хари Локвенец: Имаме амбициозна временска рамка за пругата кон Бугарија

Read more
 

Ново

  • play_arrow

Објавен трејлерот за третото продолжение на „The Suicide Squad“

Читај повеќе

Ф1: Организаторите очекуваат 140.000 гледачи на трката во Силверстоун

Читај повеќе
  • play_arrow

10-минутни вежби за стомачни мускули со Памела

Читај повеќе
  • filter

Instagram убавица: Катерина Кристал

Читај повеќе

Microsoft денеска ќе го претстави новиот Windows 11

Читај повеќе

Русија подготвена да нападне туѓи воени бродови кои влегуваат на нејзина територија

Читај повеќе
  • filter

Mercedes ја подготвува новата Е класа

Читај повеќе

„Беко“ воведува еколошки апарати за здрава планета

Читај повеќе

Шпанската влада дозволи присуство на навивачи во Ла Лига следната сезона

Читај повеќе