Хари Кејн капитенски застана во одбрана на фудбалерите кои ги промашија пеналите за Англија и порача дека репрезентацијата само напредува и дека повторно ќе атакуваат на пехар на Светското првенство наредната година.
Хари Кејн синоќа не постигна гол, но беше еден од двајцата сигурни пеналџии во редовите на Англија. За најдобриот голгетер од Премиер лигата продолжи агонијата кога станува збор за пехарите бидејќи на клупски план има само еден, а сега со реорезентацијата дојде толку блиску, но на крајот остана со празни раце.
„Не можев да дадам повеќе. Момците не можеа да дадат повеќе. Најлошото чувство на светот е кога ќе загубите на пенали. Не беше наша ноќ, но имавме фантастичен турнир и треба главите да ни стојат исправени“, рече Кејн говорејќи за BBC One.
Англија прв пат по 1966 играше едно финале, но сепак не успеа да ги израдува своите навивачи после толку долго време.
„Се разбира дека сега ќе нѐ боли. Ќе нѐ боли долго, но на вистинскиот пат сме, се подобруваме и се надевам дека наредната година ќе бидеме уште подобри. Отидовме чекор понапред после Русија и продолжуваме“.
„Мора како група да бидеме страшно горди на ова што го направивме. Сите сме победници и сите сакаме да победуваме, така што веројатно ќе нѐ боли некое време и ќе нѐ боли до крајот на нашите кариери“.
Италија беше подобриот тим на теренот иако и по 120 минути игра резултатот беше нерешен..
„Игравме против навистина добра екипа. Имавме перфектен почеток. Можеби на моменти се повлекувавме премногу длабоко, но тие имаа голем посед. Бевме добри во контролата, не создадоа многу шанси“.
На крајот одлучија пеналите откао Англичаните успеаја да промашат дури три од кои два ги одбрани Џиџи Донарума, а еден заврши во стативата.
„Секој може да промаши пенал. Победуваме заедно, губиме заедно. Ова ќе ни даде мотивација за Мундијалот наредната година“, заврши Кејн.