Шпанскиот тенисер Рафаел Надал славеше во четвртфиналето на Индијан Велс против Ник Кирјос со резултат 2:1 во сетови, а овој меч го одбележа новото контроверзно однесување на Австралиецот кој во еден момент целосно откачи.
Во текот на првиот сет, Кирјос нервозно го скрши рекетот и подоцна го фрли како „подарок“ за навивачите, за во последните минути од првиот сет да го опцуе навивачот кој му пречеше на сервисот и влезе во расправија со него. За тоа, според американските медиуми, тој е казнет со одземање поени.
После тоа повторно влезе во дискусија со фановите, а еднаш и директно им се обрати.
„Дали си добар во тенис?“, праша Кирјос.
„Не“, одговори навивачот.
„Така е. Тогаш зошто не замолчиш, зошто зборуваш?“, праша Кирјос, а потоа покажа кон познатиот актер Бен Стилер.
„Дали нему му кажувам како да глуми? Не!“
Во тој момент публиката на трибините почна да се смее, додека Стилер, инаку голем фан на Надал, не се вознемири премногу поради прозивката.
По завршувањето на мечот, Кирјос му честиташе на Надал за победата, а потоа покажа колку тешко му падна поразот трескајќи го рекетот од земја и за малку ќе го удрише момчето задолжено за собирање на топките.