Леброн Џејмс по 19-ти пат ќе игра на Ол-стар натпреварот во НБА, а со тоа го стигна Карим Абдул-Џабар по бројот на учества на овој ревијален натпревар што годинава ќе се одржи во Солт Лејк Сити.
Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс доби најмногу гласови и ќе биде капитен на својот тим, додека играчот со најмногу гласови на Истокот, Јанис Адетокунбо од Милвоки Бакс ќе го предводи другиот тим.
Леброн беше капитен на сите пет претходни Ол-стар натпревари со овој формат, додека Адетокунбо беше лидер на неговиот тим во 2019 и 2020 година.
Познато е и кои ќе бидат членовите на петорката, а меѓу нив се и српскиот кошаркар Никола Јокиќ и Словенецот Лука Дончиќ. Останатите кошаркари се: Кевин Дурент, Џејсон Тејтум, Донован Мичел, Кајри Ирвинг, Зион Вилиамсон и Стеф Кари.
Интересно е што меѓу 10-те избрани го нема одличниот Жоел Ембиид, кој ќе биде меѓу резервите. Тие ќе бидат избрани на 2 февруари.
Стартери на Источната конференција:
Јанис Адетокунбо (Милвоки Бакс)

Кевин Дурент (Бруклин Нетс)

Џејсон Тејтум (Бостон Селтикс)
Донован Мичел (Кливленд Кавалирс)

Кајри Ирвинг (Бруклин Нетс)

Стартери на Западната конференција:
Леброн Џејмс (Лос Анџелес Лејкерс)

Никола Јокиќ (Денвер Нагетс)

Зион Вилиамсон (Њу Орлеанс Пеликанс)

Стеф Кари (Голден Стејт Вориорс)

Лука Дончиќ (Далас Маверикс)
